Општина Штип, спортските работници и граѓаните на Штип вечерва го одбележаа историскиот успех на 17 годишниот Марко Џорлев, кој го освои златниот медал на Светското карате првенство за кадети, јуниори и У-21 во Полска. Во салата на Советот на општина Штип светскиот шампион во карате, Марко Џорлев беше дочекан со силен и долг аплауз. Марко своето обраќање го започна со зборовите кои на социјалните медиуми ги објави неговиот тренер Жарко по освојување за светската титула „Македонија има светски шампион, Штип има светски шампион, Карате клуб Штип има светски шампион“.
-Овој златен медал, овој успех е историски успех за Македонија, ова е прв златен медал на светски првенства во карате. Ова е навистина голема чест да се биде првиот освојувач на златниот медал на за Македонија во карате и навистина чувството е прекрасно. Овој златен медал потекнува уште многу одамна, потекнува од 2016 година кога јас почнав да тренирам карате. Во 2016 година на само петгодишна возраст, јас почнав да тренирам во Карате клубот Штип, најдобриот клуб со најдобрите тренери Сашко и Жарко Арсовски – рече Џорлев.
Тој се заблагодари и на поддршката која секојдневно ја добива од своите родители.
Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов му ја честиташе светската титула на 17 годишниот Марко Џорлев и како што рече овој успех и златен медал на Марко ја промовираа Македонија и градот Штип.

-Оваа прилика ја користам да им честитам на неговите родители затоа што го восипитале златното момче и му го трасирале патот кон вистинските вредности, да им честитам на неговите тренери кои го вградиле карактерот да биде победник, кои го трасирале патот кон успехот во спортот, да им честитам на неговите спаринг партнери, клубски другари кои исто така се заслужни за резултатот на Марко, затоа што заедно со него тренирале за тој да биде прв во светот. На крај, да му честитам на Марко. Марко, ти си млад на години, но големи се твоите спортски дела. Ти си толку едноставен но толку совршен во каратето. Продолжи да бидеш најдобар во тоа што го правиш, продолжи да ги гордееш твоите родители, твоите тренери, да не гордееш нас присутните, Штип и Македонија – рече Јорданов во своето обраќање.
На свечениот пречек на светскиот шампион во карате, Марко Џорлев свои обраќања имаа и неговите тренери Сашко и Жарко Арсовски.




