Европската комисија денеска ја презентираше нова арктичка стратегија, со цел да се осигури дека Европската Унија ќе биде во чекор со конкурентите додека се појавуваат нови бродски линии и можности за рударство, вклучително и експлоатација на клучни суровини.

– Арктикот е северното соседство на Европа, блиско, поврзано и клучно за нашата иднина. И се менува, со нови бродски линии и ресурси кои ја поттикнуваат стратешката конкуренција, истакна претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.

Таа додаде дека „Арктикот е област каде што се судираат тектонските плочи на геополитиката“.

Лајен предупреди дека растечкото воено присуство на Русија во Арктикот, хибридните активности против нејзините соседи и трансформацијата на безбедноста во регионот влијаат на ЕУ како целина.

– Пристапот до арктичките морски линии и природните ресурси е од стратешки интерес за ЕУ, посочи високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас.

Една од целите на стратегијата е зајакнување на економската соработка и ублажување на ефектите од климатските промени.

Арктикот се менува брзо, се затоплува речиси четирипати побрзо од глобалниот просек, влијаејќи на екосистемите и менувајќи ги начините на живот и заедниците. Новите бродски рути и откриените ресурси го преобликуваат безбедносниот и економскиот пејзаж на Арктикот, што доведува до зголемени геополитички тензии, стратешка конкуренција и воена активност.

Прв приоритет на стратегијата е зајакнување на безбедноста и отпорноста на Арктикот. ЕУ има намера да поддржи воспоставување центар за следење, заштита и помош во поправката на подморските кабли во Северниот Атлантик и Арктикот. Според стратегијата, овој центар на крајот би се надградил во центар за поморска безбедност, кој би им помогнал на земјите-членки на ЕУ и земјите-партнери да ги следат поморските активности во областа.

Безбедносните цели вклучуваат зголемување на бројот на мразокршачи во сопственост на европските земји и подобрување на воената мобилност во регионот.

Во областа на зајакнување на економската безбедност и просперитет на Арктикот, ЕУ ќе продолжи да го поддржува развојот на обновливи извори на енергија, а воедно ќе ја задржи својата посветеност да не вади или купува фосилни горива од регионот.