Град Скопје започна активности за реконструкција и обновување на спомен-обележјата во главниот град, меѓу кои и спомен-обележјето на децата бегалци од Егејска Македонија, кое во минатото беше вандализирано и со години стоеше без плоча и соодветно обележје, информира денеска градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Тој истакна дека обновувањето е во чест на судбините на децата бегалци, нивното прекинато детство и љубовта кон родниот дом, нагласувајќи дека спомен-обележјата се потсетник на минатото и на историјата што треба да ја познаваат и младите генерации.

-Овој споменик беше мета на вандализам во минатото и со години стоеше без плоча и без никакво обележје, но веќе започнавме активности со кои спомен-обележјата во главниот град ги враќаме во првобитна состојба. Станува збор за спомен-обележја што се одлика на минатото, но и правец во кој треба да се движиме во иднина како нација, како народ и како жители на град Скопје, но и потсетник за младите кои треба да си ја знаат својата историја – истакна Ѓорѓиевски.

Тој најави дека во наредниот период ќе се преземат активности за целосна ревитализација и на другите споменици кај кои се утврдени оштетувања или други недостатоци.

Градоначалникот информираше и дека се во тек градежни активности за целосна реконструкција на паркот „Жена-борец“.

-Во паркот „Жена-борец“ по долги години се прави целосна ревитализација, која опфаќа средување на патеките, партерно уредување и поставување нова инфраструктура, вклучително и нови клупи, корпи за отпадоци и сè останато што е потребно за едно од најубавите катчиња во Скопје да го добие својот модерен лик, онака како што заслужуваат граѓаните – нагласи Ѓорѓиевски.

Целата објава може да ја погледнете на следниот линк