Студентите и нивните професори претпладнето повторно го отфрлија повикот за дијалог на албанскиот премиер Еди Рама, кој постави столови пред неговата канцеларија со повик за дијалог по осумдневните протести на моменти со ескалации и употреба на сила како од страна на демонстрантите така и од полицијата.

Во врнежливата Тирана денеска е помирно во споредба со претходните денови, за што за МИА сведочат и дел од нејзините жители.

Во центарот на градот се видливи трагите од насилните протести додека во околните улици се функционира речиси како и вообичаено. Продавниците се отворени, јавниот превоз функционира, учениците се нa настава, додека универзитетите не работат.

На протестите се забележуваат претежно млади луѓе, но исто така има и граѓани од сите возрасти.
Нивната цел, како што велат е подобар стандард не само за студентите, туку и заминување на актуелните политички лидери, но не само премиерот Еди Рама туку и лидерот на опозицијата Сали Бериша.

Во разговор со една млада жена поддржувач на протестите – кој би бил тогаш следен или потенцијален иден политички лидер, таа вели дека засега нема такво нешто и оти никој од организаторите на протестите засега не се наметнува. Таа исто така вели дека решение би биле предвремени парламентарни избори.

Протестот, засега мирен, продолжи кон Плоштадот Скендербег и кон Министерството за образование, кои се собирни места од каде секој тргнуваат студентите.

Впечатливо е тоа што иако има протест и засилено полициско обезбедување сообраќајот се одвива нормално.




