Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, нагласи дека санкциите на Европската унија против Русија ќе останат во сила се додека Москва не ја заврши војната во Украина, нагласувајќи дека Европа мора да ја намали својата енергетска зависност од странските земји и да ја зајакне својата конкурентност и економска безбедност.

Обраќајќи им се на членовите на Европскиот парламент на пленарната седница посветена на заклучоците на Европскиот совет на 15 и 16 октомври, фон дер Лајен рече дека Русија ги прекинала испораките на гас за Европа и дека енергетската зависност може да се користи како средство за политички притисок.

„Тие санкции ќе останат во сила се додека Русија не ја запре војната“, рече фон дер Лајен.

Таа нагласи дека ЕУ мора да изгради вистинска енергетска унија, да ги подобри енергетските мрежи, да ги зголеми капацитетите за прекугранични врски и подобро да ја искористи заедничката пазарна моќ при набавка на енергетски производи. Европската комисија, како што е најавено, ќе изготви план за воспоставување Европска енергетска унија, со цел подобро да се искористат постојните капацитети и да се намалат високите трошоци за енергија.

Зборувајќи за конкурентноста на европската економија, Фон дер Лајен нагласи дека е потребно да се заокружи единствениот пазар на ЕУ, да се поедностават административните процедури и да се намали регулаторното оптоварување врз компаниите. Според неа, предложените мерки за поедноставување на регулативите, доколку се усвојат, би можеле да ги намалат административните трошоци за повеќе од 22 милијарди евра годишно.

Таа посвети посебно внимание на економските односи со Кина, предупредувајќи за растот на трговскиот дефицит на ЕУ и индустриските капацитети на Кина, кои, според неа, ја нарушуваат конкуренцијата на европскиот пазар.

Фон дер Лајен вели дека кинеските компании добиваат до осумпати повеќе субвенции од споредливите компании во земјите од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), што врши притисок врз европската индустрија, работните места и производствените капацитети.

Зборувајќи за миграцијата, претседателката на Европската комисија оцени дека европскиот пристап дал резултати, наведувајќи дека нерегуларните гранични преминувања се намалиле за 56 проценти во последните две години, а за дополнителни 34 проценти од почетокот на оваа година. Бројот на барања за азил, според нејзините податоци, се намалил за 19 проценти, додека стапката на враќање на лица кои немаат право да останат во ЕУ речиси се дуплирала во последните пет години и сега надминува 30 проценти.