Пратеникот Бојан Стојаноски во објава на Фејсбук објави споредба на средствата исплатени за отплата на главнината на јавниот долг во првите 24 месеци од мандатите на владите предводени од СДСМ и ДУИ и од ВМРО-ДПМНЕ.

Според податоците што ги објави Стојаноски, во првите две години од мандатот на владата предводена од СДСМ и ДУИ биле вратени 49,6 милијарди денари, односно 806 милиони евра главнина на долг.

За истиот период од мандатот на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, како што наведува пратеникот, биле исплатени 142,2 милијарди денари, односно 2,31 милијарди евра главнина на долг.

„Тоа се 2,87 пати или 187% повеќе средства насочени кон сервисирање на доспеаната главнина“, истакнува Стојаноски.

Тој посочува дека средствата што ги исплаќа актуелната влада се однесуваат на обврски преземени во мандатот на претходната влада.

Според Стојаноски, одговорното управување со јавните финансии подразбира навремено сервисирање на обврските, но и обезбедување средства за непречено функционирање на државата, инвестиции и развој.

„2,31 милијарди евра вратена главнина за две години. Бројките најдобро ја покажуваат тежината на обврските што државата ги сервисира“, наведува пратеникот во објавата.