На денешното рошиште во Кривичниот суд во Скопје, против апелацискиот судија Ѓоко Ристов прв сведочеше таткото на сопругата на Ристов, кој одговараше на прашања на одбраната во врска со купопродажба на стан во Скопје.

Тој рече дека станот е околу 150 квадрати, во вредност од околу 140 илјади евра.

-На семејна средба се договоривме заеднички да учествуваме во финансирањето на станот, пола – пола да учествуваат двете страни – одговори тој на прашање од одбраната.

Парите што ги дале, 70 илјади евра – половина како што се договориле, биле во евра, а тој и неговата сопруга учествувале и во опремување на посочениот стан од нивната ќерка. Наведе и дека со клаузула потврдена со изјава на нотар, станот дополнително ќе биде впишан на неговиот внук, којшто го носи неговото име.

Сведочеше и Емилио Фришчиќ, вешто лице од областа на испитување спорни документи, вештачење на ракописи и потписи.

-Останувам севкупно на напишаната содржина во записниците – рече вештакот за неговиот извештај.

Тој рече дека одредено лице кое пишува нешто на хартија, со површината од кожата допира на хартијата, голема е веројатноста со сигурност, дека од тој контакт ќе останат епителни клетки што можат да бидат предмет на вештачење на ДНК. Но, доколку носи ракавици, пишува и внимава да нема допир со хартијата, во таков случај нема да има ДНК.

Скриптор на листовите била мајката на Ристов – три ливчиња што биле пронајдени во банкноти, колку што било информирано вештото лице.

На прашањето од одбраната каде биле најдени парите, тој одговори дека согласно расположливиот материјал, доставен во дигитална форма до него, тие се пронајдени при претрес.

На 17 април, државното Јавно обвинителство соопшти дека биле преземени повеќе дејствија и претреси, при што на 18.01.2026 година во дом на родителите на судијата во Неготино, пронајдени биле вкупно 350.000 евра за чие потекло тој немал доказ и не ги пријавил. Парите биле пронајдени спакувани во 13 поединечни пакувања, и тоа вкупно 610 банкноти во апоени од по 500 евра и 225 банкноти во апоени од по 200 евра, од кои дел со обележани рачно испишани износи на средствата, скриени во заѕидан простор во шуплините од цигли во ѕидот на една од собите. Ова, се посочува, предизвикало основано сомнение дека овој осомничен во периодот од 10.02.2020 година, како службено лице судија во Апелациониот суд Скопје, спротивно на законската должност за пријавување на имотна состојба или нејзина промена давал лажни податоци за својот имот и имотот на неговото семејство и не пријавил имот, кој во големи размери ги надминува неговите законски приходи.

Обвинителството притоа информираше дека од поведувањето на постапката, јавниот обвинител презел повеќе дејствија, со кои обезбедил цврсти докази во однос на сопственоста на паричните средства, со што, се посочува, се потврдиле елементите кои го исполнуваат битието на кривичното дело од член 359-а, противправно стекнување и прикривање имот.

Имајќи го предвид доказниот материјал за располагање со имотот во периодот од 2020 година до денес, во корелација со начинот искористен за криење на пронајдените парични средства, Обвинителството обезбеди докази кои укажуваат на обележја и на кривичното дело – перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 од Кривичниот законик. Врз основа на обезбедените докази, ОЈОГОКК поднесе обвинение против судијата од Апелациониот суд за наведените кривични дела.

Судскиот процес го води судијката Билјана Коцевска. Следното рочиште е закажано за 3 ноември. (МИА)