Министерот за одбрана Владо Мисајловски им ја честиташе заклетвата на питомците од 30. класа на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, кои денеска свечено се обврзаа да и служат на татковината и да ја чуваат безбедноста на нашите граѓани.

-Силата на македонската Армија се нејзините припадници, нивното знаење, професионалност, дисциплина и безрезервна љубов кон татковината. Пред питомците претстои пат исполнет со предизвици, учење и усовршување, кој ќе ги подготви да станат идни офицери, подготвени да водат со личен пример, одговорност и интегритет, објави Мисајловски.

Министерот нагласи дека продолжуваат посветено да вложуваат во образованието, обуката и развојот на идните генерации офицери, бидејќи силна Армија се гради со знаење, професионализам и квалитетен човечки потенцијал.

-Честита заклетва и многу успех на сите питомци, нагласи Мисајловски.

На свеченоста на која присуствуваше началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, високи претставници од Министерството за одбрана и Армијата, претставници на воено – дипломатскиот кор, родители и роднини на питомците, министерот Мисајловски посочи дека воената професија бара силна физичка подготвеност, психолошка издржливост, дисциплина. Тој додаде дека со максимална посветеност во наредните четири години питомците ќе научат да носат одлуки кои ќе бидат клучни во заштитата и безбедноста на државата и со тоа да ја оправдаат довербата кај граѓаните.

-Затоа, учете и усовршувајте се. Бидете тим, почитувајте се меѓусебно и никогаш не заборавајте дека силата на Армијата не е само во способностите на поединецот, туку и во единството и довербата меѓу нејзините припадници, нагласи Мисајловски.