Александар Удиловиќ, познат како радиотерапевт за душа, со својот длабок, искрен и смирен глас и реалните интерпретации на најдлабоките човечки болки и страдања, привлече илјадници луѓе на Балканот да бидат негови верни слушатели и заедно да ги споделат своите тешки животни приказни.

За себе ќе рече дека е, всушност, многу ведар човек и оптимист, но животот му удрил силни шлаканици преку кои ја искусил длабоката човечка болка.

Во младоста бил познат и како кошаркар, играл за клубовите „Црвена ѕвезда“ и за „Партизан“ од Белград, а во 1991 година, кога требало да потпише договор за првиот тим на „Партизан“, се одлучил да замине во војска и така ја завршил својата кошаркарска кариера.

Ученик е на радиските доајени од поранешна Југославија – Зоран Модли, Марко Јанковиќ и Драган Козлица, кои подоцна му станале и добри пријатели. Како светски патник ги поминал сите континенти, прошетал стотина држави и научил повеќе јазици, а во последните три години ја води својата радиска ноќна емисија, која стекна огромна популарност на Балканот, со слушатели од сите екс ју-држави. Но, и покрај тоа, во својата прва книга, која деновиве ја привршува, ќе каже дека да бидеш добар човек е единствената титула што не се добива со раѓање и не може да се купи.

Удиловиќ во интервјуто за МИА зборува за своите радиски почетоци, приврзаноста кон овој медиум и вербата дека љубовта ќе го спаси светот. Се потсетува и на своето познанство со Тоше Проески, на пријателството со Сашо Гешовски, првата жртва од Македонија во војната при распадот на СФРЈ, сега често се дружи со Маја Оџаклиевска, која исклучително ја цени и почитува, а вели дека истата љубов ја има и кон Македонија и сите Македонци.

Добар ден, господине Удиловиќ. Првин да Ви се заблагодарам за тоа што ја прифативте поканата од нашата национална агенција. Како се одлучивте за радиоводителството и во кои медиуми сте работеле досега?

-Добар ден, прво, на Вас, на Вашите колеги и на сите прекрасни, поубави Македонци, кои јас многу ги сакам, што би рекле вие на македонски. Вие сте еден прекрасен народ. Што се однесува на мојата кариера во радиото, таа почна многу одамна, кога бев мал. Околу деветтата година се заљубив во радиото и тоа беше мојата прва љубов бидејќи во она време кога ги немавме овие социјални мрежи, радиото беше најубаво и единствено можеби тоа имаше душа во тоа време. Имавме само два ТВ-канали, ако се сеќавате, и радиостаници. „Радио 202“ беше мојата омилена радиостаница и уживав да ја слушам. А во 1978 година мојот татко беше на привремен службен пат во Ирак и по враќањето од Кувајт, донесе еден голем „шарпов“ радиокасетофон, кој раперите го користеа во брејкденс држејќи го на рамо, и уживав во звукот и ги слушав радиостаниците. Тоа беше мојот почеток, значи мојата прва љубов беше радиото.

Во 1985 година почнав со првичната кариера, а во тоа време бев еден од најмладите диџеи не само во поранешна Југославија туку и пошироко бидејќи ете судбината така сакала случајно таа вечер да бидам во Домот на културата или Домот на младите во Уб, па диџејот да ме замоли да ја пуштам следната плоча, јас тоа го направив и тоа беше љубов на прво миксување. Што се однесува на прашањето за радиостаниците, сум работел на многу познати белградски радиостаници, меѓу кои Радио Пинк, „Бонтон радио, Радио „Академац“, „Радионовости“, тоа беа почетоците на радиото, едно време и на Радио Кошава, бев и прв тон-мајстор на Радио Кошава, првата песна во етер таму јас ја пуштив. Имав и свои комерцијални радиостаници, во 1996 го основав Радио „Херц“. Така што, тоа се некои мои почетоци, а првата средба со радиото ја имав во далечната 1986 година кога, ете, сум имал некоја луда среќа да ме однесат во Радио Ваљево, едно мало локално радио, каде што видов миксета широка 2 метри и тон-мајсторот како работи на неа, тогаш кај мене се случи голем бум и оттаму ми е љубовта кон радиото.

Вашиот глас е препознатлив и многу сакан помеѓу публиката. Како успеавте да стекнете толкава популарност кај поширокиот аудиториум?

– Значи, до 1994 година јас бев тон-мајстор, не бев радиоводител. Што се однесува до популарноста, не сум некој голем приврзаник на тоа, не страдам ако не сум популарен, не барам слава, ниту трчам по „лајкови“ и следбеници. Едноставно, јас најмногу ја барам искреноста, а живееме во еден многу, да кажеме, болежлив, разболен свет, каде што луѓето бараат, гладни се за вистина, за емоции, емпатија, бидејќи тоа, за жал, сè помалку го има и затоа е таа моја искреност. Бидејќи сè ова што имате можност да го видите доаѓа од душата, значи, доколку направам некоја грешка во изговорот, јас продолжувам понатаму. Не снимам како некои по 15 пати, значи она што го гледате – тоа сум јас. Така што, не знам, текстовите ме избираат мене бидејќи јас не можам да прочитам ама баш ништо доколку не сум го доживеал тоа најмалку 90 проценти. Значи, сè што ќе прочитам, јас сум го преживеал, не како многу мои колеги кои пишуваат, а не го живееле она за што пишуваат. Така што, изгледа народот ја чувствува таа искреност, која доаѓа од мојата душа, можеби затоа и се изедначуваат со мене. Јас не сум ни свесен за тоа до ден-денес, иако има три години како го работам ова и ми годи, би лажел кога би кажал дека не ми годи, а од друга страна, и ми го полни срцето затоа што сум сфатил дека постојат доста слични луѓе со мене и дека овој свет, кој боледува, и натаму има шанса да се поправи, излекува, и тоа со помош на љубовта.

Споменавте како ги избирате деловите од текстовите што ги цитирате и читате на радио. Обично се делови што ќе ја допрат Вашата душа, честопати избирате да читате и поезија. Како ја избирате музичката илустрација?

– Знаете, музиката… тоа е нешто што неизмерно го сакам уште од најрана возраст. Ќе ви раскажам една кратка анегдота: кога сум имал само неколку месеци, татко ми донел дома мало транзисторско радио, го ставил покрај мене во креветчето и го вклучил. Можеби токму тука почна таа љубов кон музиката. Музиката е моќна движечка сила – таа има душа. И не зборувам за оваа сегашна ВИ (вештачка интелигенција) музика – за тоа ќе стане збор подоцна, туку мислам на музика што навистина поседува душа. Музиката од тоа време носи посебна енергија; таа лекува. Сè се сведува на фреквенции – како што рекол Никола Тесла, сè се фреквенции, сè се бранови.

Што се однесува до мојата музика, дел од неа компонирам сам, а мои пријатели композитори ја свират; преостанатото е дело на други автори. Еден прекрасен човек по име Харис од Сараево создаде многу инструментални нумери за мојата музичка подлога, како и Младен Рајковиќ од Ниш, кој исто така придонесе со многу прекрасни инструментални композиции. Верувам дека спојот на мојот глас и искрената емоција што извира, да речеме, длабоко од душата, со музиката, е единствениот начин да се пренесе таа порака. Станува збор за емотивна музика, која допира до секого. Тоа е приказната за тоа како настанува оваа музика; не можам да употребам ни каква било инструменталка – самата музика мора да има душа.

Може да се забележи дека цитатите што ги избирате обично се поврзани со некоe длабоко човечко страдање, тага и некои длабоки чувства. Како се случува да можете тоа да го доживувате одново и одново во програмата бидејќи се гледа дека го правите со целата душа, а не само колку да се заврши како една работна обврска?

– Гледате, како што спомнав пред малку, од она што го читам морам лично да го доживеам речиси 90 проценти. Тоа значи дека јас самиот веќе сум ги поминал тие работи. Да бидам искрен, не е лесно бидејќи, како што рековте, на крајот повторно ги преживувате истите емоции, истата тага и истата болка, одново и одново. По природа, јас, всушност, сум многу ведра личност, вечен оптимист, но животот секако знаел како да ми удри неколку силни шлаканици. Така, на потешкиот начин научив колку е убав животот и колку треба да бидеме благодарни. Не е лесно – луѓето се пронаоѓаат во мене бидејќи оние што ме следат и самите честопати доживеале трагедии, болка или тага. Преку моите приказни, кои не се сведуваат само на патетика, како што некои можеби мислат, се обидувам да им дадам совет на луѓето во тешки ситуации покажувајќи им дека постои надеж и дека секогаш има светлина на крајот од тунелот.

Знам дека кај многу луѓе и страдањето и тагата може да се ублажат. Што се однесува до тагата, би сакал да кажам дека таа, всушност, претставува нешто преку кое душата расте. Сета болка што сме ја доживеале е дел од она низ што мораме да поминеме; таа навистина нè прави подобри луѓе, поемпатични, особено затоа што денес живееме во свет во кој емпатијата станува сè поретка. Луѓето не се она што беа некогаш. Светот во кој се родив, за жал, веќе не постои, свет во кој се сакаше една жена, еден маж, а луѓето живееја од чесна и достоинствена работа. Ваквите работи стануваат сè поретки поради што воопшто не е лесно повторно да се помине низ сето тоа. И јас можам да пуштам солзи, а човечки е да се плаче; во тоа нема никаков срам. Многу луѓе ми се јавуваа, вклучително и мнозина што издржуваа казни во затворите, за да ми се заблагодарат. Бидејќи, конечно, сфатија дека плачењето не е нешто поради што треба да се срамат; тоа не ве прави слаби, напротив, ве прави луѓе. Ете тоа е мојата приказна, иако е навистина исцрпувачки одново и одново да се поминува низ тагата, болката и загубите. Не се сметам себеси за терапевт, иако многумина ме нарекуваат доктор за душата. Мојот добар пријател, пејачот Срѓан Марјановиќ, ме опиша и како доктор на радиобрановите. Но, верувајте ми, дури и сега, додека разговараме, не сум баш свесен за тоа. Едноставно, седнувам пред микрофонот, ги ставам слушалките и запловувам во својот свет, во сопствената живописна имагинација, каде што навистина станувам едно со емоциите. Претпоставувам дека луѓето може да го почувствуваат тоа; верувам дека можат. Како и да е, тоа е тоа, накратко.

Да, тогаш какво е чувството да знаете дека некому сте му помогнале, па макар и ненамерно?

– Па, да, тоа е нешто што ми даде надеж. Јас сум човек што навистина поминал многу во животот, сум видел сè. Како што спомнав во нашиот претходен разговор, сум доживеал толку многу авантури што од нив би можеле да се снимат филмови. Кога имав три или три и пол години, првпат побегнав од дома, само за да стигнам кај баба ми. Ете тоа го прави љубовта, љубовта отсекогаш била мојата движечка сила. Подоцна побегнав од градинка, а неколку месеци потоа одбив да носам розова престилка. Значи, такви авантури сум имал уште од најрана возраст. И, искрено, чувството е одлично кога луѓето ќе се јават. Ако се вклучите во некои од моите преноси во живо, ќе ги видите пораките. Мојата девојка ми прави „скриншотови“ од коментари во кои пишува работи, како: „Удиловиќ за претседател на Балканот“ или „Удиловиќ – обединувачот на Балканот“. Кај мене доаѓаат луѓе од сите нации и националности, а јас не судам никого според тоа кој е – дали е Македонец, Црногорец, Хрват или Словенец или, пак, дали е од муслиманска или христијанска вероисповед. Јас го ценам човекот според она што го носи во себе, според тоа дали е навистина човек или не. Гледате, начинот на кој бев воспитан во моето прекрасно и навистина чесно семејство ме научи дека луѓето може да се разликуваат само според тоа дали се добри или лоши, трета категорија не постои. Токму затоа се трудам да ги инспирирам луѓето иако за себе би можел да кажам дека сум можеби една од најголемите души на планетата, ако можам така да се изразам.

Не сум сигурен дали луѓето го почувствуваа ова преку моите ноќни емисии бидејќи поминав 17 години работејќи на радио, и тоа токму во ноќна смена. Но во текот на тие три часа, од 22 до 1 часот, подготвував квалитетна програма исполнета со музика и читање текстови. Читав текстови, некои напишани од мене, други од разни автори, па дури и од луѓе што претходно не беа познати и тоа создаде нешто навистина посебно. Како што еднаш рече еден мој драг пријател и позната личност, иако нема да му го спомнам името, јас поттикнав поетска револуција во поранешна Југославија. Луѓето почнаа да пишуваат, да рецитираат и да ги споделуваат своите дела. Тоа звучи навистина прекрасно; не сум суетен човек, па затоа навистина уживам кога слушам за тоа – тоа ми го исполнува срцето со радост.
И уште нешто – сакам да слушам луѓе што вложуваат труд во ова; тоа е навистина нешто прекрасно. Па, како што би рекол мојот пријател, кој е познат текстописец – можеби почнала ера на „удиловиќизам“. Дали е тоа навистина така, искрено, не знам – ви зборувам отворено, но чувството е прекрасно. Зошто? Затоа што длабоко во душата на секој човек постои едно мало делче од нешто: љубов. А љубовта е сè; љубовта е движечка сила; љубовта е лек. Верувам дека овој болен свет може да се излекува само преку љубовта. Љубовта што ја ширам – на Балканот, па дури и во целиот свет, бидејќи годишно ми се јавуваат луѓе од речиси 200 земји – допира до луѓето од сите нации, религии и бои на кожата. Тоа е навистина нешто убаво бидејќи на луѓето, едноставно, им е преку глава од омраза и поделби. Верувам дека треба да се обединиме, слично како во поранешна Југославија – тоа беше навистина нешто прекрасно. Јас дури и не знаев дека сум Србин сè додека не почна војната и додека не ми го објаснија тоа; отсекогаш сум гледал на работите од чисто човечка перспектива. И денес имам многу драги пријатели во Македонија и во сите поранешни републики, луѓе што неизмерно ги сакам и кои многу личат на мене и сè уште постои шанса да го спасиме овој свет.

Убаво кажано. За себе во описот ќе кажете – прво, човек со големо Ч, а потоа сè друго. Тешко ли е денес да се најде човек со она големо почетно Ч?

– Да се ​​биде „човек“ со мала буква, едноставно, значи да се родиш како дел од човечкиот род; меѓутоа, да се биде „Човек“ со голема буква, тоа е титула што мора да се заслужи преку сопствениот карактер, моралните начела, добрите дела и моралните вредности. Со други зборови, да се биде „Човек“ со голема буква е титула што не може секој да ја носи. Пишував за ова пред повеќе од 30 години – „првин човек, а потоа сè друго“ – и верувам дека тоа е најважната работа на светот. Дури и мојот син, кој го обожава својот татко повеќе од сè, кога имаше 7 или 8 години, го усвои овој концепт. Можеби сте виделе видео од тоа на интернет: седиме заедно по една свадба, а тој вели: „Да се ​​биде добар човек е најважната работа“.

И мислам дека ова е навистина многу, многу важна работа, тој вид емпатија, способноста да почувствуваш кога некому му е потребна помош. За жал, многу луѓе се срамат да кажат: „Еј, ми треба помош – те молам, помогни ми“. Луѓето често ми велат дека им помагам; искрено, јас не сум ни целосно свесен за тоа, ќе го повторам тоа, но… не знам како да ви го објаснам тоа. Денес е тешко да се најде човек, вистински човек. Живееме во свет во кој ни се наметнати одредени работи, тие филтри, тие социјални мрежи, каде што речиси секој, извинете на изразот, секој „никој и ништо“ може да земе мегафон, да остава коментари на профили и да ги навредува другите, што е навистина грда работа. Знаете, навистина постојат добри луѓе бидејќи еден вистински човек (човек со големо Ч) не се врти настрана од страдањето на другите. Вистинскиот човек му подава рака на оној што паднал на земја за да му помогне да стане, а не за да го згази. Тие ја чувствуваат болката на другите и секогаш се подготвени да помогнат. Тоа е една посебна одлика, како да кажам, тоа е нешто навистина убаво. Прекрасно е чувството кога луѓето ќе ви пријдат и ќе речат: „Еј, немаш поим колку ми помогна кога бев на самото дно“. Тоа ти го исполнува срцето. Патем, ако ми дозволите, би сакал да споделам една кратка приказна. Мислам дека беше некаде околу 1978 или 1979 година, кога бев уште дете, можеби на шест или седумгодишна возраст. Потекнувавме од чесно, прекрасно и здраво работничко семејство, а во тоа време најчесто живеевме во само една соба.

Сестра ми и јас спиевме во еден кревет, а моите во друг. Во тоа време, тоа беше некаде во 1978 или 1979, имавме среќа да поседуваме телевизор во боја. Имаше само два канали – прва програма и втора програма, а во 7.15 часот се емитуваа цртани филмови. Потоа, веднаш в кревет: чаша млеко, па на спиење. Но, една вечер не можев да заспијам. Родителите ги гледаа вестите на првата програма, имаше војна, мислам во Авганистан, а камерата се движеше преку теренот прикажувајќи, не знам, можеби 20 или 30 покриени тела. Тоа ме погоди толку длабоко, бидејќи сум многу емотивна личност, па се покривав преку глава со ќебето и се молев: „Боже, те молам, помогни ми! Дај ми некаква супермоќ за да можам да им помагам на луѓето и да ставам крај на војните“. Токму во тој период, околу Нова година, излезе првиот филм за „Супермен“. Многу години подоцна, кога случајно седнав пред микрофон и ја отворив својата душа, сфатив дека Бог, всушност, ме наградил со еден вид магија, ми ја подарил преку мојот глас. Иако не сум ни целосно свесен за тоа, а и самиот не го сакам особено сопствениот глас, се чини дека моите молитви се слушнати: на мојот глас му е дадена одредена моќ, што ми овозможува да се поврзам со луѓето и да им помогнам да почувствуваат мир. Многумина ми рекле дека чувствуваат спокој додека зборувам. Па, ете, така стојат работите.

Да се вратиме повторно на радиото како медиум. Дали сметате дека денеска класичното радио има сè уште публика и кои генерации сметате дека сте ги заинтересирале со Вашата програма и сте успеале да им го задржите вниманието?

– Знаете, радиото не умре. Иако многу луѓе – уште пред една деценија, па можеби дури и од почетокот на деведесеттите – тврдеа дека радиото умрело во моментот кога се појавила телевизијата, тоа не е така. Радиото не може да умре и никогаш нема од една едноставна причина: како медиум, радиото е единственото што поседува душа. На пример, кога ќе седнам во автомобилот, не пуштам це-де или конкретни песни за кои знам што следува; го сакам елементот на изненадување што го нуди радиото. Ќе фатам некоја станица, без разлика дали пушта музика од поранешна Југославија или нешто лесно и пријатно, и одеднаш некоја песна ме погодува. Гледаш, песната е чиста емоција – прецизно пресметана математичка фреквенција, која има моќ да ти ја допре душата. Радиото има своја публика; сепак, за жал, поради трендовите што се наметнаа во последните 10-15 години, го уништивме радиото создавајќи формати во кои истите 100 песни се вртат во круг, одново и одново – и притоа тоа ја изгуби својата душа.
Јас сум љубител и поборник на златната доба на радиото – времето кога постоеја доцни ноќни емисии. Се сеќавам – токму така се заљубив во радиото како дете – некаде во 1986, 1987 или 1988 година се појави серијата со наслов „Полноќен повикувач“ (Midnight Caller), во која ликот Џек Килијан водеше доцна ноќна радиоемисија – не знам дали сте ја гледале, во која луѓето се јавуваа, си ја отвораа душата и се обидуваа да си ги разрешат разните проблеми. Тој им влеваше надеж. Можеби тој, всушност, и не им помагаше – исто како што ни јас не му помагам некому којзнае колку, но толку многу се заљубив во таа емисија, што си реков: „Ова ќе го правам и јас“. И, така, неколку години по тоа емитување, успеав да водам доцноноќна радиоемисија речиси 17 години – емисија во стилот на Џек Килијан, исполнета со оние искрени ноќни разговори. Знаете зошто? Затоа што ноќе душата најлесно се отвора. Тоа е сè. Сè уште постои публика за радиото; радиото не умрело. Само се надевам дека набргу некој ќе се појави, ќе преземе нешто и ќе му го врати некогашниот сјај – онаа златна доба на радиото.
Работам на еден проект – засега нема да навлегувам во детали, но, ако даде Господ, тој ќе заживее за луѓето насекаде. Станува збор за радиостаница осмислена да шири љубов и да служи како извор на помош; начин преку кој ние, и покрај сите тешкотии и проблеми со кои се соочуваме секојдневно, ќе можеме повторно да се поврземе со самите себе, а луѓето ќе сфатат дека не се сами. Тоа е нешто што навистина ни е потребно. Работам на тоа и, со божја помош, можеби навистина ќе успее. Засега деталите нека останат тајна – станува збор за посебен вид проект. Радиото е далеку од изумирање; тоа ќе опстане. Дури и кога телевизијата одамна ќе ја снема – за 100, 200 или 300 години – радиото сè уште ќе се слуша; тоа ќе продолжи да живее.

Современа дебата е дали технологијата со својот развој сè повеќе го отуѓува човекот, го прави нехуман или, пак, не е до техниката како средство, туку до тоа како ја користиме? Што сметате Вие за тоа?

-Па како што веќе реков, живееме во еден многу болен и изопачен свет. Технологијата е добра работа – во иднина таа можеби ќе овозможи лек за многу сериозни болести; тоа е позитивната страна на технологијата. Но, постои и друга страна, која е најочигледна преку – како да се изразам – социјалните мрежи. Денес, секој има можност да коментира работи онлајн, да го користи интернетот како оружје или, пак, спротивно на тоа, да го користи како алатка за исцелување – за да му помогне некому, што е навистина прекрасна работа. Видете, и овде во Македонија, а и во Србија, ги користиме оваа технологија и овие мрежи за да собереме средства за болни деца и за луѓе на кои им е потребна помош. Навистина е прекрасно кога технологијата се користи на таков начин. Но кога се користи како оружје, таа станува отров, а токму тоа го гледаме во последните неколку дена кај нас. Има премногу омраза – или т.н. „хејтање“, како што велат младите. Има толку многу луѓе што седат во своите фотелји со шише евтин алкохол, луѓе што до неодамна не правеле ништо друго, освен што држеле далечински управувач и гледале такви ужасни реални шоуа. Да не ме сфатите погрешно, но сметам дека тие се големо зло за сите во светот; тие не нудат ништо добро, туку само најлошите страни на човечката природа. Така што, не, секако не поддржувам ни такво нешто.

Бидејќи технологијата е нешто добро, напредокот мора секогаш да продолжува. Во мојата професија, на социјалните мрежи и на современите платформи за стриминг гледам како на продолжение на мојот микрофон; во времето кога постоеше само радиото – пред појавата на социјалните мрежи – никој, освен самите слушатели, не знаеше што се случува во етерот. Земете го, на пример, оној мој текст, оној за суштината на животот и љубовта, кој собра над 50 милиони прегледи и сè уште масовно се споделува, а сè тоа благодарение на социјалните мрежи. Во таа смисла, самите мрежи не мора нужно да бидат лоши. Сепак, сакам да кажам дека постои и негативна страна: денес, речиси секој и сешто- извинете на изразот, но станува збор за прилично ограничени луѓе – може да остави коментар. Има толку многу неуки и несреќни луѓе кои не знаат што да прават со сопствените животи, па така талкаат од објава на објава, од профил на профил. Веројатно, и самите сте го доживеале ова – некој се појавува и остава коментар, а притоа не знае апсолутно ништо за вас, но сепак е премногу желен да суди.

Имам прилично поделени чувства во врска со ова. Од една страна, хуманитарната работа што ја вршиме е навистина добра работа, но кога станува збор за вештачката интелигенција, јас сум силно против неа. Можеби таа нема да ја уништи планетата или човештвото, но сигурно нема да донесе ништо добро. Земете ја музиката, на пример, музиката е една од најубавите работи, но сега, кога секој може да компонира музика и да пишува текстови, резултатот е само еден гротескен хаос. Еднаш ми се јави некој – бидејќи моите текстови се толку широко распространети на интернет, луѓето дури пишувале и поезија, приказни, па и цитати за мене. Тешко ми е да го сфатам тоа бидејќи себеси се сметам за обичен човек, исто како сите вас – од крв и месо, грешен, но претпоставувам дека тоа е сосема нормално. Како и да е, зедоа еден текст што го напишав одамна, пред речиси 30 години, за тоа како не треба да ги осудуваме другите, го претворија во песна со помош на вештачката интелигенција. Не е лошо, но сепак не може тукутака да се претвори прозен текст во песна.

Јас сум против ова; сметам дека треба да ѝ се застане на патот на вештачката интелигенција кога станува збор за музиката. Фактот што таа може да го реплицира вашиот изглед – или мојот – како и вашиот глас, е навистина опасен. Тоа е она што најмногу ме загрижува. Тоа е како оружје; технологијата ќе напредува до тој степен што некој би можел да каже: „Гледајте, тоа е Роза“ покажувајќи снимка од неа како прави нешто во продавница, а вие не би можеле да докажете дали е тоа вистинско или не. Таа напредуваше толку многу за само неколку години, што веќе не можам да го препознаам гласот на некоја личност, па дури ни нејзиното лице – изгледа сосема автентично. Затоа сметам дека овој аспект на технологијата е многу лош и мораме да ставиме крај на тоа.

Веќе споменавте дека многу ја сакате Македонија, но и Македонците, и дека честопати Ви гостуваат доста Македонци во Вашите емисии. Може ли да ни спомнете некои од тие гостувања?

– Па, гледате, токму зборувавме за Маја Оџаклиевска, која, според мене, е единствената вистинска дива на поранешна Југославија. Таа ми е многу, многу драга пријателка, навистина прекрасен човек, личност со голем човечки и уметнички формат. Се слушаме секој ден, а ако даде Господ – и се гледаме прилично често; дури и ми била гостинка дома. Тој момент/видео го имаат видено, па, не знам – десетици, стотици илјади луѓе бидејќи и Маја и јас сакаме да пееме. Маја пее неверојатно, што се однесува до мене, јас само си потпевнувам; всушност, и не знам баш да пеам – попрво би рекол дека викам! Но понекогаш емоциите, едноставно, надвладуваат, бидејќи сум емотивен човек, навистина ги сакам кафеаната и боемскиот начин на живеење; дури имав и чест да го познавам Тома Здравковиќ, некаде во 1991, пред да почине. Како да ми пренесе дел од својот дух – онаа мешавина од малку тага и малку боемски дух. Сакам да пеам, па кога Маја дојде на гости, наврати на ручек овде, во ова мало студио, каде што ги продуцирам моите емисии, ја запеавме познатата „Беше толку убава“. Мојата девојка тајно нè сними, а кога ѝ го покажав видеото на Маја, таа беше воодушевена, па решив да го објавам.
Покрај Маја, ја запознав и Тијана Дапчевиќ – прекрасна личност, како и многу други Македонци. Но ја имав една од најголемите почести – често сакам да го спомнувам ова – не бев негов пријател, но имав привилегија да го запознаам и да поразговарам со некои од неговите пријатели. Во времето кога работев на Радио Пинк, Тоше Проески – секогаш кога доаѓаше во Белград – сакаше да го вклучи Радио Пинк и да ме слуша додека бев во програма. Како што би рекле, во неговиот глас имаше некаква магија. Во 2007 година – таа тажна 2007 година – кога го дочека својот трагичен крај, тој дојде во „Пинк“. Јас бев на смена во „Радио Пинк“. „Радио Пинк“ се наоѓаше десно од една голема стаклена преграда; веднаш до неа имаше лифт што водеше кон ресторанот на „Пинк“. Обично пејачите што гостуваа навраќаа во ресторанот пред своите настапи. Тој, едноставно, влезе во студиото и рече: „Ајде!“ Јас прашав: „Каде?“, а тој одговори: „Да одиме на кафе“. Секогаш, штом ќе пристигнеше, ми се јавуваше. Овој пат дојде малку порано, па отидов со него горе на кафе. Седнавме, но тој изгледаше некако вознемирено, дури и меланхолично. Го прашав: „Брат, што не е во ред?“ Тој само ги крена рамениците како да претчувствуваше дека нешто ќе се случи. Кратко потоа настрада.
Таа последна средба – за која никогаш не претпоставував дека ќе биде последна – се случи таа вечер во емисијата „Браво шоу“. Тој ја испеа една од најубавите македонски песни, „Зајди, зајди“, песна што навистина ја сакам, и ја изведе на начин што никој друг никогаш нема да може да го повтори. Таа доаѓаше од длабочината на неговата душа, а во неговиот глас имаше толку многу копнеж, љубов и болка. Кога заврши снимањето, тој едноставно пријде, ми мавна со раката и рече: „Се гледаме, брат – се гледаме подоцна“. А потоа, за жал, не долго по тоа – во таа тажна 2007 година – големиот Тоше Проески нè напушти. Па, така, по повод 19-годишнината, целата вечер му ја посветив на Тоше пуштајќи ги неговите песни и зборувајќи за неговиот живот. Тие неколку часа беа исполнети исклучиво со неговата музика. Навистина верувам дека неговото заминување беше една од најголемите загуби што некогаш ги доживеала нашата естрадна сцена.
Што се однесува до Македонија – и таа поврзаност – јас навистина многу ја сакам Македонија. Вие сте уникатен народ со прекрасна душа; весели сте и прилично слични на нас Србите – не молчите и не страдате во тишина; ако нешто ве мачи, гласно зборувате за тоа. Тоа е особина што најмногу ја ценам кај секој човек.
Морам исто така да признам дека кога бев дете, на 11 или 12 години, мојата прва љубов или она што би можело да се нарече тинејџерска заљубеност, беше едно македонско девојче од Кавадарци. Дури се сеќавам и дека бев во Баошиќи, во еден камп, каде што престојуваа деца од моето училиште заедно со деца од едно основно училиште од Македонија. Меѓу нив беше и еден од моите многу блиски пријатели во тоа време – Сашо Гешовски, исто така од Кавадарци, кој, за жал, настрада како прва жртва на војната (при распаѓањето на Југославија). Па поминавме неколку лета на одмор заедно, но таков е животот, што да се прави? И, извинете, што го велам ова, дури и војниците плачат, па што? Како и да е, ја сакам Македонија, чувствувам поврзаност со неа. Уживам да ја посетувам и да минувам тука, на пример, никогаш, всушност, не сум бил во Кавадарци, иако сум поминувал прилично блиску до таму. Па, којзнае, можеби еден ден ќе стигнам и таму. Исто така, никогаш не сум бил во Охрид иако навистина сакав да отидам. Затоа, Македонијо – подготви се! Кога ќе почне турнејата на Александар Удиловиќ во поранешна Југославија, Вашата земја ќе биде меѓу првите што ќе ги посетам.

„Човекот кој беше тешко да се сака“ е насловот на Вашата книга што во моментот ја подготвувате. Ќе споделите ли нешто повеќе со македонската публика за ова Ваше дело и со тоа да го заокружиме нашиот разговор?
– Па, гледате – ако се изразам како што го направивте тоа вие – еден човек кој бил тежок за сакање е предмет на книгата на која работам веќе долго време. За жал, сум имал среќа животот да ме удира толку силно, што на крајот направив грешки со кои не се гордеам, сепак, што е најважно, останав верен на себе. Книгата е во завршна фаза и се надевам дека набргу ќе ја здогледа светлината на денот. Таа, всушност, претставува мемоари на човек што талкал низ светот, тој свет се обидел да го уништи човекот, но не успеал во тоа – додека тој, во рамките на тој свет, трагал по сопствениот идентитет. До својата 45-та година стапнав, тетеравејќи се на моите две „леви нозе“, во повеќе од 120 земји, на сите седум континенти. Зборувам неколку јазици и осумпати сум пловел околу светот, цел живот барајќи го тоа едно мирно пристаниште – мојата „космичка девојка“. И – таква е иронијата на животот – ја сретнав дури кога се вратив дома, по сите мои скитања. Ова ќе биде навистина убава приказна, но издвоив еден мал извадок – бидејќи спомнавте дека би сакале да слушнете нешто. Ова е премиера, никогаш претходно го немам објавено ниту, пак, некому сум му го прочитал, освен на мојата девојка, која е мојот најдобар критичар, мојата десна рака и ветерот во мојот грб. А текстот е од поглавјето, кое ќе се вика „Не мрази, немаш време за тоа“. Насловот на поглавјето е еден од моите стари цитати, па ако сакате, можам да го прочитам и да го споделам со вас, како и со прекрасните Македонци, кои навистина ги почитувам и сакам. Текстот гласи вака:
„На крајот од денот, кога ќе згаснат сите светла и ќе паднат маските, останува само едно прашање: дали си човек или не? Светот постојано нè тера да се делиме – да цртаме граници на картите, да се дефинираме преку имињата што ни се дадени, јазиците што ги зборуваме, боговите на кои им се молиме и нијансите на кожата што нè красат. Сепак, сето ова е само надворешно пакување – обвивка што самите не сме ја избрале. Универзумот не ги препознава границите што сме ги исцртале на картите. Земјата на својата почва нè носи сите еднакво, а сонцето нè грее, без да праша за нашите имиња или потекло. Сите тие поделби што сме ги наследиле – нации, вери, јазици – всушност, се само прашање на географска случајност. Никој од нас не избрал каде да пушти корени, но секој од нас избира како ќе расте. Она што го избираме за себе е она што го носиме длабоко во себе. Се гледаме едни со други низ филтри што ни ги наметнал светот заборавајќи дека под секој пасош, секој олтар и секој тен на кожата се крие потполно иста анатомија – и на телото и на душата. Кога сè ќе се сведе на самата суштина, сфаќате дека болката нема националност. Кога човек страда, неговата солза не зборува странски јазик, таа тече на универзалниот јазик на страдањето, а секоја таква солза го има истиот солен вкус. Кога човек се смее, таа насмевка во неговите очи е иста, без разлика дали е во срцето на огромен велеград или во некое заборавено село на крајот од светот. Крвта што тече во нас кај сите има иста нијанса на црвена боја, без оглед на тоа колку е светла или темна кожата што ја крие. Секое срце на оваа планета чука во ист ритам – ритам што копнее по почит, слобода, љубов и мир. Ниту верата, ниту националноста не го прават човекот подобар или повреден од другите. Ве дефинираат само вашите добри дела. Единствениот вистински идентитет што го поседувате – оној што самите го градите и за кој лично одговарате пред себе, пред светот и пред вечноста – е вашата човечност. А човечноста е она што го правите кога никој не ве гледа. Сè се сведува на избор: дали да му подадете рака на некој што паднал на земја или да го згазите; дали да ја оставите настрана сопствената суета и да го кренете гласот против неправдата; дали сте подготвени да го споделите лебот со гладниот; и дали сте способни да го почувствувате товарот на другиот како да е ваш сопствен.
Дали на непознатиот гледаш како на брат во постоењето или само како на цел за твоите предрасуди? Токму овие постапки те дефинираат – дали си човек или не си. И можеби не избираш каде ќе се родиш, но избираш како ќе чекориш на оваа земја. Сите човечки поделби се измислени, површни и минливи. Единствената вистинска, вечна и непромислена поделба во овој свет е онаа поделба на луѓе и нелуѓе, добри и лоши. Трета нема, колку и да се обидуваме да ја измислиме.
И на крајот од ова кратко патување, никој нема да нè праша под кое знаме сме стоеле или пред кое име сме се поклониле, туку колку светилници сме оставиле зад себе во темнината на овој свет. А овој прекрасен свет е преголем за малите умови што се хранат со омраза. Затоа ви велам: не мразете – немате време за тоа бидејќи животот е само еден минлив миг, што исчезнува со трепнување на окото. И биди човек, добар човек, зашто тоа е единствената титула што не се добива со раѓање и не може да се купи со пари, туку крваво се заработува со секое ново чукање на твоето срце“.