Израелскиот опозициски политичар Јаир Голан денеска упати сериозно предупредување против започнување нова војна со Иран, доколку премиерот Бенјамин Нетанјаху продолжи да ја води земјата по изборите одржани минатата недела, јави ДПА.

Лидерот на партијата од левиот центар „Демократи“ на Икс напиша дека Нетанјаху повеќе ја нема довербата на јавноста за да раководи со воен судир од ваков вид. Тој повика на итно формирање алтернативна влада.

Голан наведе дека Израел во моментов се наоѓа во ситуација на постојани воени судири со Иран.

„Безбедноста на Израел не смее да стане алатка во борбата на Нетанјаху за политички опстанок“, напиша тој, пренесе ДПА.

Голан има чин генерал-мајор во резервниот состав на израелската војска и е поранешен заменик-министер за економија.

Весникот „Волстрит џурнал“ објави дека Нетанјаху вчера телефонски разговарал со американскиот претседател Доналд Трамп, во контекст на можни подготовки на САД за продолжување на бомбардирањата врз Иран.

Веќе некое време постојат шпекулации дека американската војска, во соработка со израелските сили, би можела да изврши нови напади по американските избори од средината на мандатот, кои се одржуваат во вторник.

Парламентарните избори во Израел, одржани минатиот вторник, резултираа со политичка блокада. Иако десничарската конзервативна партија „Ликуд“ на Нетанјаху и нејзиниот политички блок освоија повеќе гласови од спротивниот табор, ниту една страна не обезбеди јасно мнозинство за формирање влада.

Се очекува Израел да помине низ долги преговори за формирање коалиција. Доколку не се постигне договор, можеби ќе бидат потребни нови избори. (МИА)