Трилатералните преговори на техничко ниво меѓу Украина, САД и Русија би можеле да се одржат од 6 до 10 ноември во Абу Даби, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, истакнувајќи дека конечниот датум и место на состанокот сè уште не се утврдени.

„Средбата треба да се одржи во Абу Даби, но, како што знаете, има многу различни чувствителни прашања и предизвици на Блискиот Исток. Не знам дали ќе биде точниот датум и дали состанокот ќе се одржи во Абу Даби, но ние ќе го поддржиме“, рече украинскиот претседател во интервју за американскиот новинар Тони Перкинс, пренесува Укринформ.

Зеленски истакна дека Украина го поддржува предлогот на американската страна за одржување трилатерални преговори на техничко ниво.

„Пред се, добро е што ќе имаме можност да ги вклучиме Русите во преговорите. Благодарни сме на американската страна за нивното посредништво за време на нашиот состанок во Осло. Токму САД предложија состанокот да се одржи во ноември“, рече Зеленски.

Украина очекува Вашингтон да одреди датум за трипартитните преговори, а Зеленски претходно изрази надеж дека тие би можеле да се одржат пред 10 ноември, според украинската агенција.