СДС се познати по пропаѓањето на банки и штедилници и загрозување на банкарскиот систем во Македонија за време на нивна власт. Како СДС доаѓа на власт, така по некоја банка пропаѓа, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од владејачката партија потсетуваат дека последна уништена банка во време на власт на СДС е Еростандард банка во август 2020 година, а како една од главните причина беше наведено дека давањето кредити без соодветно покритие.

-Меѓу фирмите кои добиле големи кредити без покритие се и 29 струмички, меѓу кои и фирми блиски до тогашниот премиер и претседател на СДС, Зоран Заев. Имено меѓу фирмите од Струмица кои од Еуростандард банка зеле кредити без покритие беа Сара Инжинеринг на Вице Заев, како и Глобал медиа груп и Тритерол, кои се фирми на бизнис партнерите на Заеви.

Истите овие фирми кои на „слепо“ од банката зеле огромни суми на пари преку високоризични кредити кои потоа и не ни ги враќале, се стекнале со богатство од 13 милиони евра. Граѓаните штеделе пари за истите, преку кредити без покритие, да завршат кај блиските на Филипче и Заев, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Трагите на парите од Еуростандард банка, додаваат од партијата, покажуваат дека зад нејзиното пропаѓање стојат функционери и фирми блиски до функционерите на СДС, на чии сметки завршувале парите кои граѓаните ги штеделе во банката.

-СДС, исто така, беше на власт и во 1997 кога пропадна битолската штедилница ТАТ, која предизвика целосен колапс на довербата во тогашниот банкарски систем и тешки социоекономски последици. Но, за среќа, СДС се минато и ниедно сценарио или желба на антимакедонецот Венко Филипче за предизвикување општ хаос нема да му се исполни. Банкарскиот систем во Македонија е стабилен, а заштедите на граѓаните безбедни, се наведува во партиското соопштение.