Весникот „Македониум“ пренесува историска видео снимки од Велигден 1991 година, коу сведочат за возобновувањето на верскиот живот на Македонците во Мала Преспа, кога Преспанско-пелагонискиот митрополит Петар при посетата на регионот во текот на еден ден крстил стотици Македонци.
Видеозаписите ги ги направил Гоце Петревски од Битола, кој ги документирал настаните од тој период и оставил визуелно сведоштво за едно значајно поглавје од поновата историја на македонската заедница во Албанија.
По падот на комунистичкиот режим во Албанија и отворањето на границите со Република Македонија, започнал процесот на повторно воспоставување на верските врски меѓу православните Македонци во Албанија и Македонската православна црква.
Во почетокот на 1990-тите години, митрополитот Петар остварил повеќе мисии за обновување на православниот црковен живот меѓу Македонците во Мала Преспа, Голо Брдо и Врбник. Неговите активности опфаќале воведување во православната вера, иницијативи за реконструкција на запуштените и разрушени црковни храмови, како и обука на свештенослужители.
Покрај тоа, биле преземани активности за поттикнување на преведувачката дејност и подготовка на црковни книги на македонски јазик.
Посетата на Мала Преспа за Велигден во 1991 година се случила во период кога, по децении комунистичко владеење и забрана на верскиот живот, повторно се отворале можностите за слободно практикување на верата. Стотици Македонци од регионот ја искористиле можноста да ги примат светите тајни на Православната црква.
Објавените видеоснимки имаат историска и документарна вредност, бидејќи сведочат за обновувањето на духовниот живот, повторното воспоставување на црковните врски со Македонија и напорите на македонската заедница во Албанија да ги зачува своите верски и културни традиции.
Нивното објавување овозможува пошироката јавност да се запознае со настаните од почетокот на 1990-тите години и со процесите што го одбележале животот на Македонците во Албанија по завршувањето на долгогодишната изолација, пишува весникот „Македониум“.
Фото/видео: „Македониум“




