Сопственикот на месарница во Кифисија, во северниот дел на Атина, Јоргос Бумбас, денеска изјави дека уредите за ладење во неговата продавница биле цел на хакерски напад, поради што температурата во нив била поставена на дури 150 степени Целзиусови.

Бумбас изјави за телевизијата Скај дека по пристигнувањето на работа околу четири часот утрово, вработените забележале дека нешто не е во ред со уредите за ладење и дека на почетокот помислиле дека станува збор за дефект.

„Тие беа поставени на 150 степени Целзиусови, а ние не можевме рачно да интервенираме бидејќи не можевме да пристапиме до системот“, рече Бумбас.

Компанијата располага со современ систем за мониторинг, при што известувањата се испраќаат како до техничката служба задолжена за одржување, така и на мобилните телефони на одговорните лица. На тој начин, кога ќе се забележи необична промена во температурата, се активираат соодветните предупредувања.

Проблемот, сепак, беше во тоа што првично никој не можеше да претпостави дека зад овие показатели стои сајбер-напад, а не технички дефект, наведуваат од компанијата погодена со нападот.

Како што изјави за Скај, техничарот го известил дека проблеми имало и во два други деловни субјекти во околината: супермаркет и угостителска продавница.