Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, оствари средба со амбасадорката на Чешката Република во Македонија, Ирена Гецова, на која беа разгледани можностите за унапредување на билатералната соработка, со посебен фокус на заштитата на животната средина.
На средбата беше истакната важноста на размената на искуства и експертиза, особено во областите на управувањето со отпадот, подобрувањето на квалитетот на воздухот и контролата на индустриското загадување.
Министерот Хоџа изрази благодарност за континуираната поддршка од Чешката Република во процесот на пристапување на Македонија кон Европската Унија, како и за активната улога на Чешката амбасада во Скопје во поттикнувањето на соработката во областа на животната средина.
Двајцата соговорници ја потврдија подготвеноста за понатамошно продлабочување на партнерството преку институционална соработка, размена на знаења и реализација на конкретни активности од заемен интерес.




