Негирачките наративи кон македонската национална и јазична посебност, кога се ставени во одредени општествено-политички контексти како што се македонско-бугарските односи во контекст на македонската евроинтеграциија, претставуваат форма на политички говор на омраза.
Ова беше порачано пред почетокот на Научниот собир „Негирањето на политичката легитимност на македонската нација и посебноста на македонскиот јазик како форма на политички говор на омраза” во организација на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при УКИМ и Истражувачкиот центар за ареална лингвистика „Божидар Видоески“ при МАНУ.
Професор д-р Ганка Цветанова, која е еден од раководителите на овој двегодишен проект, во изјава за медиумите посочи дека овој говор на омраза и негирачки наративи меѓу другото предизвикуваат нетолеранција, непријателство меѓу државите, одреден вид на дискриминација, но исто така, ја поткопуваат и довербата во европските институции.
- Овој научен собир е фокусиран на критичката анализа на негирачките наративи насочени кон македонската национална и јазична посебност. Нашата почетна претпоставка, хипотеза беше дека овој вид на негирачки наративи може да се категоризираат како политички говор на омраза, бидејќи истите се насочени кон оспорување на правото на самоопределување, културната и јазичната маргинализација, како и барањата за историски ревизионизам. Сакам да нагласам дека не секоја научна интерпретација или толкување на историјата веднаш може да се категоризира како политички говор на омраза, но кога историскиот ревизионизам, како што е случајот со македонско-бугарските односи и македонската евроинтеграција, добива една политичка инструментализација, значи е ставен во одреден општествен и политички контекст, тогаш овие негирачки наративи и тоа како можат да бидат категоризирани како политички говор на омраза, кој меѓу другото може има долгорочни општествено-политички импликации, како што е успорување на нашите политички процеси, евроинтеграции и потоа предизвикува одредена нетрпеливост меѓу државите, меѓу соседните народи, предизвикува одреден вид на дискриминација, но и ја поткопува довербата на граѓаните во Европската Унија – изјави Цветанова.
Цветанова нагласи дека јазикот е најзначајниот идентификатор на културниот и севкупниот идентитет и тоа е прашање кое не смее да се засегне во таа сфера.
– Според мене, воопшто не треба да се дискутира на тема дали воопшто македонскиот јазик е посебен јазик, бидејќи како што кажав тоа е нашето право на самоопределување – изјави Цветанова.
Во однос на тоа, што можеме како држава да направиме во услови кога Бугарија не условува и јавно европратениците во Европскиот парламент со говор на омраза зборуваат против македонскиот јазик, Цветанова вели дека политичките елити треба да го црпат и знаењето и легитимитетот во одбрана на нашето право на самоопределување, кое фигурира највисоко на скалата на човекови права и слобода, како и културните и јазичните права, токму од вакви научно-истражувачки проекти во кои академската заедница, како што посочува, дава едно научно толкување зошто не смееме да отстапиме од нашите ставови кои се идентитетски загрозувачки.
– Станува збор за научно-истражувачки проект кој трае веќе неколку години и фактички ова е завршница на тој научно-истражувачки проект и ние тука ги презентираме нашите научни сознанија на овој научен собир. Оваа приказна трае веќе 30 години и ние мора како академска заедница да ги кажеме нашите ставови дека има прашања од кои не смееме да отставиме, од кои не смееме да отстапиме. Тоа се идентитетските прашања – изјави Цветанова.
Собирот произлегува од научноистражувачкиот проект „Негирањето на посебноста на македонскиот јазик и политичката легитимност на македонската нација како форма на политички говор на омраза“ и има цел да поттикне научна и интердисциплинарна дискусија за негирањето на македонскиот јазик и националниот идентитет, нивните политички, правни, општествени и културни импликации, како и прашањата поврзани со човековите права, дискриминацијата и современите регионални и европски процеси.




