Белгискиот премиер Барт де Вевер останува на функцијата откако кралот Филип одби да ја прифати неговата оставка која ја поднесе откако пропаднаа преговорите за буџетот.
Кралот Филип ја донесе оваа одлука откако доби официјални ветувања од лидерите на петте партии од владејачката коалиција дека ќе се согласат на отстапки за да се постигне компромис, објави денеска палатата во соопштение, по средбата меѓу кралот и Де Вевер.
Политичката криза беше предизвикана од преговорите за белгискиот буџет за 2027 година и пакетот мерки за штедење со кои се цели заштеда од околу 10 милијарди евра до 2029 година.
Де Вевер предводи петпартиска коалиција која опфаќа широк спектар на политички ставови, од левица до десница.
Буџетските преговори влегоа во ќорсокак минатиот викенд откако десничарските и лево-центристичките фракции не успеаја да постигнат договор за даночните реформи, што го наведе Де Вевер во понеделникот да понуди оставка.
Во текот на неделата кралот се сретна со лидерите на партиите во обид да се надмине застојот.
„Сите ја потврдија својата одлучност да постигнат договор за стабилна буџетска патека за следните три години“, соопшти палатата.
„Кралот ја нагласи потребата од постигнување вистинска рамнотежа меѓу зачувувањето на социјалната кохезија и поттикнувањето на економскиот раст. Секој лидер се обврза да го негува духот на компромис и чувството за одговорност со цел тоа да се постигне“, се додава во соопштението.
Де Вевер на 16 ноември ќе го извести кралот Филип за напредокот во преговорите, наведува палатата.
Белгија, една од најзадолжените земји во Европската Унија, мора да заштеди милијарди евра за да се усогласи со правилата на Унијата за дефицит и долг. Истовремено, земјата е под притисок значително да ги зголеми издвојувањата за одбрана во претстојните години во рамките на плановите на НАТО.
Владата исто така се соочува со растечки притисок од јавноста и синдикатите кои се мобилизираа против претстојните мерки за штедење.
Во октомври, околу 40.000 луѓе учествуваа на синдикален протест во Брисел против планираните буџетски кратења. Два дена подоцна, на одделен протест се собраа до 60.000 демонстранти, повикувајќи ја владата да не се откажува од своите климатски цели.
МИА




