Силен земјотрес го погоди ноќеска, околу 1 часот по локално време, централниот дел на Јапонија, при што најмалку 22 лица се повредени, а граѓаните во паника ги напуштаа зградите.
Јапонската метеоролошка агенција соопшти дека земјотресот бил со магнитуда од 5,7 степени, додека Американскиот геолошки институт регистрирал магнитуда од 5,5 степени. По главниот потрес следуваа неколку послаби последователни земјотреси.
Земјотресот се случи во 1:04 часот по локално време, на длабочина од околу 40 километри под површината на земјата, со епицентар во префектурата Шизуока. Погодено е поширокото подрачје во близина на соседната префектура Аичи, вклучувајќи го градот Хамамацу, поранешните престолнини Кјото и Нара, како и префектурата Јаманаши, каде што се наоѓа планината Фуџи, и градот Гифу.
Јапонските телевизии емитуваа снимки од искршени излози на продавници, парчиња стакло расфрлани по улиците и книжарница во која голем број книги паднале од полиците. Меѓу повредените има и лица кои паднале по скали додека се обидувале да побегнат.
Метеоролошката агенција ги предупреди граѓаните да бидат подготвени за можни силни последователни потреси во наредните недели, а особено во следните два до три дена. Брзите возови „шинкансен“ се движеа со намалена брзина во погодените области од претпазливост, поради можна оштетеност на железничките пруги.
Јапонија е во област во која земјотресите се честа појава.
фото: Архива




