Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска направи увид во работните активности за обнова на жичарата на Водно.

– Жичарата е едно од омилените скопски доживувања. Таа нѐ носи поблиску до природата и до глетката што секогаш нѐ потсетува колку е убав нашиот град. Но, при увид, беа констатирани сериозни недостатоци, последица на долгогодишното неспроведување на неопходните големи сервиси и редовното одржување од страна на претходните раководства. Беше потребен обемен и темелен зафат, занемаруван речиси една деценија. Затоа жичарата беше ставена вон функција. За мене, безбедноста на нашиот народ е пред сѐ. Тука нема компромис. Сега сме посветени на нејзината целосна реконструкција. За безбедно возење, сигурна работа и спокојство за секој посетител – изјави Ѓорѓиевски.

Град Скопје

Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека во тек се зафатите за обнова на жичарата и темелна реконструкција на кабините, а се очекува да пристигне и моторот кој е испратен на репарирање надвор од државава.

– Очекуваме за многу кратко време, веќе следниот месец, по завршувањето на работите и неопходните безбедносни проверки, жичарата повторно да ги пречека скопјани и гостите на нашиот град. Го обновуваме она што со години било запоставувано. Со одговорност, со работа и со дела. Го враќаме сјајот на Скопје рече Ѓорѓиевски.