Претходната Влада на СДСМ и ДУИ влегла во деловни односи со Алта банка Белград и лицето Давор Мацура во Србија уште во 2023 година кога на владина седница била донесена одлука да го овласти државниот правобранител во име на Владата да ги отуѓи акциите кои Македонија ги имала во српска банка која Алта банка ја купува. Тогаш државата влегла во деловен однос со Алта Банка и со Давор Мацура. Купувањето на Стопанска банка АД Битола од страна на Алта банка не е поврзано во никој случај со сегашната Влада, бидејќи станува збор за две правни лица и трансакцијата е согласно сите прописи, закони и Устав.
На ваков начин, како што брифира денеска премиерот Христијан Мицкоски, паѓа првата и носечка теза на опозицијата дека сегашната Влада дозволила лицето Давор Мацура преку Алта банка Белград да влезе во Македонија.

Во извадок од надзор записник со 194-тата седница на владата одржана на 24 октомври 2023 година, што ја води Димитар Ковачевски, а присутни биле половина од пратениците од актуелната пратеничка група на СДСМ, тогашни министри, може да се види дека на предлог на министерот за финансии Фатмир Бесими, се барало од Владата да го овласти Државното правобранителство да и ги отуѓи на Алта банка Белград акциите коишто државата ги има во банка во Србија како резултат на сукцесијата на поранешна Југославија.
Така што, како што вели премиерот, лицето Давор Мацура и Алта банка не се појавуваат во 2025, тие првпат се појавуваат на дневен ред во зградата на Владата во 2023 година за време на Владата на СДСМ и ДУИ.
Мицкоски потенцира дека владата не можела да се меша во трансакцијата за купување на Стопанска банка АД Битола од страна на Алта банка затоа што така би ја нарушиле пазарната економија. Ако ние кажуваме кој да работи, кој не, реципрочно тоа може да го направат и во Србија и наши компании да не можат да работат со земјата, со што последиците по Македонија би биле големи.
Мицкоски вели дека е убеден дека нема да се оствари желбата на опозицијата да пропадне оваа компанија во Македонија, за да отиде во стечај. Од денешна перспектива сум повеќе од убеден дека тоа нема да се случи, вели Мицкоски, и додава дека веќе има тројца занитересирани купувачи.
Во моментов, појасни тој, тече период од 10 дена, во кој српскиот регулатор треба да му даде право на нашиот регулатор да влезе во процес на отуѓување на акциите, бидејќи банката сопственик – Алта банка, е во стечај. Кога ќе поминат овие 10 дена, потребни се дополнителни пет дена за лиценцирање на потенцијалните купувачи, кои повторно мора да поминат низ извесен клиринг кај нашиот регулатор и дури потоа се организира аукцијата. Таа ќе биде по просечна цена од цената во последните шест месеци, не непроменетата е и изнесува 3.777 денари. Доколку нема заинтересиран купувач, следниот ден има нова аукција со дисконтирана цена од 10 отсто и сè така до минимум 50 проценти.
Во случај да дојде и до најцрното сценарио односно да не се најде купувач, за што премиерот е убеден дека речиси и не е можно сценарио, активата на банката е за 50 отсто поголема од пасивата. Така што и во најцрно сценарио, нагласи Мицкоски, сите до последниот доверител ќе бидат обесштетени. (МИА)




