Владата презема низа мерки за да ја заштити домашната економија од енергетската криза што ја зафати Европа, каде што цените на енергенсите се зголемени два до три пати. Целта е зимата да помине без нагли поскапувања на електричната енергија и без ценовни шокови какви што се забележуваат во земјите од Европската Унија.

Во рамки на подготовките за претстојната грејна сезона, се работи на обезбедување дополнителни количини јаглен, зголемување на домашното производство на електрична енергија и ставање во функција на сите расположливи енергетски капацитети.

Една од мерките е отворање нов премин кон Косово, кој се користел уште во времето на КФОР, со цел да се овозможи транспорт на јаглен со камиони и да се олесни снабдувањето на домашните термоелектрани.

Паралелно, се планира зголемување на производството на ЕСМ, со работа на три блока во РЕК „Битола“, како и активирање на ТЕЦ „Осломеј“. Во подготовка е и рестартирањето на ТЕЦ „Неготино“, за што се планираат активности за реконструкција на железничката инфраструктура, вклучително и поставување бетонски столбови, со цел да се обезбеди сигурен транспорт на енергенсите.

Владата најавува дека ќе ги искористи сите расположливи механизми за одржување на стабилноста на домашниот енергетски систем и спречување на прелевањето на европскиот ценовен шок врз граѓаните и стопанството.

Дополнителен аргумент во оваа насока е тоа што Македонија во моментов бележи пониска инфлација од просекот во Европската Унија.

Пораката од Владата е дека се преземаат сите неопходни активности за да се зачува ценовната и енергетската стабилност, да се обезбеди сигурно снабдување и да се избегнат нагли поскапувања во текот на зимата.