Историскиот тек не може да се запре, изјави денеска кинескиот претседател Ши Џинпинг, повикувајќи на целосно „обединување“ на Тајван со матичната земја и уверувајќи дека тоа ќе се оствари по мирен пат, без притоа да спомене можност за употреба на сила.

Кина го смета демократски уредениот Тајван за своја територија, и покрај силното противење на властите во Тајпеј на таквото тврдење. Пекинг во повеќе наврати понуди модел на автономија „една земја, два система“, што не го поддржува ниту една од поголемите тајвански политички партии.

Решавањето на прашањето за Тајван е „непоколеблива историска мисија“ на Комунистичката партија на Кина, изјави Ши во говорот одржан денеска во Големата сала на народот во Пекинг.

„Историскиот тек не може да се запре. Целосното обединување на татковината мора да се оствари и тоа сигурно ќе се случи“, рече Ши.