Тирана секогаш ме асоцира на сонце, расположени граѓани, убава храна и прошетки. Но, на неодамнешното патување во албанскиот главен град тргнавме со некоја грутка во градите за тоа што не очекува и што ќе видиме таму имајќи ги предвид протестите што на моменти беа многу насилни, како од страна на демонстрантите, меѓу кои најбројни студентите, и полицијата, која возвраќа и на повеќе начини се обидува да ги растера од пред владините институции, но не и само оттаму.
Не пречека ситен дождец, раздвижен град, граѓани кои брзаат кон своите работни места, да ги завршат своите обврски, работници кои ги чистеа зелените површини од протестите што се случиле изминатата вечер во центарот на градот, но и туристи, кои и покрај случувањата во Тирана го разгледуваа центарот и главниот градски плоштад со неговото главно обележје споменикот на Скендербег. Од некоја страна се слуша убава песна на група музичари.

Жителите на Тирана се гостопримливи и со повеќето од нив лесно можеш да започнеш разговор. И како по правило разговорите овој пат почнуваа со тоа од каде сте, што работите и завршуваа со тоа зошто се случуваат вакви протести. Заеднички беше фактот дека во Тирана и во Албанија се живее се потешко поради се повисоките цени на храната, бензините и се останато потребно за еден нормален живот, малите или недоволни примања, и се поголемите класни разлики меѓу населенито. Тука (во Албанија) нема веќе средна класа – или си сиромав или си богат или многу богат, вели еден од нашите соговорници.
Мојра работи на рецепција во еден од хостелите во центарот на Тирана и е повратничка од Германија и Италија. Морала да се врати во Тирана поради тоа што се разделила со партнерот и немала поддршка за одгледување на двете деца. Ја сретнавме во локалната пекара како купува за појадок и зема кафе од кафемат. Вели работам за 500 евра плата, наемот на стан во Тирана ми е 400 евра, имам две деца и да не е помошта од сестра ми не знам како ќе преживеам. Попладне и во слободните денови одам да чистам станови за да можеме да преживееме. Многу тешко се живее во Тирана последниве години, вели таа.
Цените во пекара и на кафето во Тирана се за десет до дваесет денари повисоки од кај нас. Во кафуле продолжено еспресо во просек е 200 леки или околу 140 денари, а обичен француски кроасан ни беше наплатен 100 денари.
Тирана изобилува со секакви продавници, како локални така и странски, а најмногу со италијански производи.

Во ресторан за готвена храна во шопинг мол во центарот на Тирана просечен ручек со салата со рукола, пилешка чорба и ориз, без пијалак би ве чинел околу 15 евра, а нешто слично само со колаче и пиво околу 20 евра. Парче чизкејк со малина во слаткарница е 600 леки или околу 400 денари. Пиците се движат почнувајќи од 700 леки и нагоре.

Лебот во локалните продавници е околу 60 денари, додека во маркетот на еден од најубавите и можеби најскапи брендови за храна, која претежно доаѓа од Италија, најевтиниот чини 129 леки или околу 87 денари.

Доколку ви треба такси тоа нема да ве чини премногу односно зависи колку сте подготвени да платите, но немојте да се изненадите ако во градот речиси и не видите такси автомобил на бензин или на дизел. Поради високата цена на бензинот и на дизелот, најголем дел од сопствениците на такси компании вложуваат во електрични возила и полначи, и возилата се полнат ноќе. Цената на бензинот во Албанија на 5 ноември се намали на 169 леки или 114 денари. Нешто поскап е и дизелот.
Пристојно и убаво сместување со паркинг во хотел во градот цените за ноќевање без појадок се движат од 75 евра па нагоре.

Студентите поддржани од нивни професори и граѓани ги продолжија протестите, кои сега се секоја среда и сабота. Засега не успеваат во намерата за смена на нивниот премиер Еди Рама, но не ја сакаат ниту поддршката на албанската опозиција.
– Ги поддржуваме протестите. Ние сакаме (премиерот Еди) Рама и другите политичари да си одат бидејќи животот тука не е добар за граѓаните. Тој е предолго на власт и ништо не направил за да се подобри животот – ни раскажа нашата домаќинка во Тирана, која е во доцните дваесетти години. Нашите плати, додава таа, не стасуваат за ништо повеќе. Животот на младите е тежок и тие сакаат брзи промени. Среќни сме, вели, поради напредокот за влез во ЕУ, но ние како граѓани не сме почуствувале ништо од тоа за подобрување на нашиот живот.
Нејзиното тврдење дека е безбедно за нас како странци да се шетаме низ градот и дека студентите мирно протестираат се потврди подоцна кога заминавме да го видиме центарот на градот. Протестите ескалираат откако на студентите ќе им се приклучи помала група млади луѓе маскирани со црни дуксери, качулки и со маски на лицето, за коишто ни рекоа дека чинеле повеќе од 30 евра.
Се околу нас делуваше како да не се случувало ништо претходните вечери се додека не завлеговме малку поблиску до владината зграда и канцеларијата на премиерот Еди Рама, околните згради, потоа кон Министерството за образование и околните улици. Искршени излози, изгорени објекти претежно на финансиски друштва и банки, но и обични дуќани или бизниси. Оние што ставиле транспарент дека ги поддржуваат протестите беа одминати. До пред една недела проценката на албанската Влада беше дека штетата што е нанесена е повеќе од 2 милијарди евра. Некои од банките чиишто излози беа искршени а некои и изгорени, за да се заштитат на местата на стаклените излози имаат ставено лимени плочи, а имињата им се покриени за да не се гледа дека се банки.
– Дојдете да ви покажам како се заштити една филијала на Прокредит банка чиишто излози беа искршени пред неколку дена – не носи еден жител на Тирана.
Пред нас гледаме лимен ќош на зграда и импровизирана врата. – Луѓето внатре работат, а жителите знаат дека ова е банката и влегуваат и завршуваат работа – додава тој. Недалеку оттаму е канцеларијата на Рама, а малку подолу се наоѓа квартот каде што има повеќе ресторани и кафулиња.
Се упатуваме кон Министерството за образование и седнуваме во кафуле, а нашиот нов пријател ни раскажува за тензичниот живот од почетокот на протестите во Тирана, за вознемиреноста меѓу народот, но и дека студентите имаат се поголема поддршка од граѓаните, кои во оние денови и вечери со најголемо насилство и обиди да им избегаат на полицајците им помагале на некои од студентите да се скријат од полицијата.

Барањата на студентите се подобрување на животниот стандард, но вели тој исто така има барања и за промена за начинот на избор на пратениците и на локалните власти. Се бараат отворени листи, а токму деновиве во албанскиот парламент започнува и дебатата на таа тема.
Сепак, според нашиот соговорник, кој сакаше да биде анонимен, граѓаните и студените не сакаат смена само на Рама туку и заминување на Сали Бериша и на политичари кои долго владееле со Албанија поради недоволно добрите политики, корупцијата и криминалот. За тоа кој ја финансира кампањата и протестите на студентите, кои почнаа како „Фламинго протести“ поради отуѓување на остров, тој вели дека верува оти тоа се многу моќни луѓе кои му се замериле на Рама поради тоа што им ги уништил или им наштетил на нивните бизнисни и сакаат негова смена. Но, има и многу мали и локални бизнисмени што им даваат поддршка на студентите, вели тој, и покажува кон некои локали каде што секој што ќе дојде од протестите добива бесплатно кафе или вода.
Малкумина во Тирана веруваат во поврзаност меѓу протестите кај нив и во другите европски градови иако има многу сличности, особено што најголем дел се организирани од студенти и бараат подобар животен стандард. (МИА)




