Градоначалникот на Општина Валандово, Ѓоко Камчев, денеска беше на локалитетот Исар–Марвинци, каде што одблизу се запозна со најновите исклучителни археолошки откритија, кои уште еднаш го потврдуваат непроценливото историско и културно богатство на овој простор.
Она што го откриваат археолозите е навистина фасцинантно – монументален комплекс на јавна римска бања, со голем базен обложен со повеќе од осум различни видови мермер и исклучително добро зачуван антички систем за загревање!
На длабочина од околу седум метри под денешната површина, минатото буквално оживува пред очите на истражувачите. Откриениот систем за загревање, кој функционирал преку посебна печка и циркулација на топол воздух, сведочи за високото архитектонско, техничко и урбано ниво на античкиот град.
Но, откритијата не застануваат тука. Сребрени и бронзени монети, мермерна биста на воен командант, фрагменти од скулптури и редок епиграфски споменик од син мермер се само дел од богатството што го открива Исар–Марвинци.
Овие наоди не се само сведоштво за едно далечно време. Тие се дел од нашата историја, нашиот идентитет и културното наследство кое заслужува да биде истражувано, заштитено и презентирано пред светот.
Истражувањата ги предводеше кустос-советникот Јане Клековски, со стручен археолошки тим, а нивното продолжување е планирано и во 2027 година.
Валандово има со што да се гордее! Исар–Марвинци е едно од најзначајните археолошки богатства на нашиот крај, место кое со секое ново откритие раскажува сè поголема и повозбудлива приказна за нашето минато.
ИСТОРИЈАТА Е ПОД НАШИТЕ НОЗЕ. НАША ОБВРСКА Е ДА ЈА ОТКРИЕМЕ, ЗАЧУВАМЕ И ПРЕНЕСЕМЕ НА ИДНИТЕ ГЕНЕРАЦИИ
Извор: Радио Валандово




