Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска, пред Споменикот на ослободителите на Скопје и споменикот на генерал Михајло Апостолски, им оддаде почит на хероите што го дадоа најскапоценото за нашиот град да живее.
– На 13 Ноември стоиме исправени пред историјата и длабоко се поклонуваме пред оние што ни ја подарија слободата. На луѓето чија храброст беше посилна од стравот, а љубовта кон татковината поголема од грижата за сопствениот живот. Пред 82 години, на 13 ноември 1944 година, Скопје ја извојува својата слобода. По тешките борби, по страдањата и неизвесноста, нашиот град ја дочека победата над фашистичкиот окупатор. Секоја негова улица носи дел од тоа паметење. Секое име врежано на спомениците носи приказна за еден живот, една младост, еден сон прекинат за да можат да живеат соништата на генерациите по нив. Нивната жртва засекогаш е вградена во темелите на слободно Скопје. Наша должност е да ја чуваме од заборав и да ги учиме нашите деца колку скапо е платено правото да живеат слободно. Антифашистичката борба ни остави завет да стоиме исправени пред неправдата, да го браниме човечкото достоинство и да ја чуваме силата на заедништвото. Тоа е духот на Скопје. Градот што и во најтешките мигови знаел да се издигне, да подаде рака и да покаже дека солидарноста е посилна од секоја поделба , рече Ѓорѓиевски.
Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека денес наша обврска е тој завет да се преточи во дела и да создаваме град на ред, чистота и сигурност.
– Скопје во кое нашите деца ќе сакаат да останат, да создаваат и да ја градат својата иднина. Со таа мисла работам секој ден. Пред една година затекнавме закочени проекти и наталожени проблеми. Денес, промените се гледаат, големите проекти се движат кон завршницата, а со секој нов парк, мост и обновена улица градиме подобри услови за скопјани. Круна на мојот мандат ќе биде првата подземна сообраќајница, дело што ќе им служи и на генерациите по нас.Нашите ослободители го исполнија својот завет со храброст и со жртва. Нашиот мора да го исполниме со одговорност и со дела. Да бидеме достојни за слободата што ни ја оставија. Да изградиме Скопје достојно за генерациите што доаѓаат. Нека е вечна славата на ослободителите. Нека ни е честит 13 Ноември. Да живее слободно Скопје. Да живее Македонија, рече Ѓорѓиевски.




