Министерот за здравство Сашо Клековски денеска, во рамките на кампањата „Мовембар“, ја посети ЗД „Железничар“ и, заедно со директорот Спасе Јанев, ја поддржа иницијативата за бесплатни ПСА-тестирања за рано откривање на ракот на простатата. На настанот присуствуваа и пратеникот во Собранието Драган Ковачки, претседателот на Лекарската комора проф.д-р Никола Јанкуловски, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Јовица Андовски и директорот на УК за физикална медицина и рехабилитација д-р Злате Мехмедовиќ.
-Ноември е месецот кога мустаќите се симбол на важна порака: грижата за машкото здравје не смее да биде табу. Превенцијата е најдоброто вложување во здравјето, изјави министерот Клековски.
Министерот истакна дека ракот на простатата е едно од најчестите малигни заболувања кај мажите, дека бројот на новодијагностицирани случаи расте и дека кај нас заболувањето често се открива во понапреднат стадиум, кога можностите за лекување се ограничени.
-Мажите често ги одложуваат прегледите поради страв, срам или убедување дека се здрави. Грижата за здравјето не е слабост, туку одговорност кон себеси и кон семејството, порача Клековски.
Тестирањето е едноставно и брзо — едно боцкање, со капка крв од прст. Министерот појасни дека покачената вредност не значи автоматски рак, бидејќи може да се должи на бенигно зголемување, воспаление или инфекција, а резултатот го толкува лекар, кој при сомнеж упатува на уролошка проценка. Разговорот за ПСА-тестирање обично започнува околу 50-тата година, а кај мажите со семејна историја на рак на простатата — околу 45-тата.
ЗД „Железничар“ е првата јавна здравствена установа со бесплатни ПСА-тестирања, наменети за промоција и за градење свест за раното откривање. Во последните две години се опфатени околу илјада граѓани, а сите со покачена вредност се упатени на дополнителни испитувања. Вчера, во соработка со Црвениот крст, беа тестирани околу 30 бездомници, а опфатот ќе се проширува и на други социјално загрозени лица.
-Здравствениот систем се менува и никој не е заборавен. Идејата е да се допре до секоја пора во општеството, вклучително и до најранливите категории, нагласи министерот.
Министерот изрази благодарност до Проект Хоуп, Ротари клуб и Gentleman’s Crew Skopje за поддршката на машкото здравје.




