Претседателот на косовскиот Парламент и лидер на ДПК, која е највлијателна партија во владејачката коалиција, Кадри Весели, изјави денеска дека веднаш ќе ја напушти својата функција доколку се наруши партнерството со САД поради одбивањето на косовскиот премиер Рамуш Харадинај да се суспендираат таксите воведени кон Србија и БиХ.
– Оној ден кога ќе биде нарушено партнерството со САД, коалицијата ќе се распадне, а јас ќе ја напуштам функцијата претседател на Парламентот. Ќе заминам и никој нема да може да ме спречи. Зборуваме за партнерство кое е од витално значење за Косово. Независна и суверена држава може да има само корист од САД. Ова е мој конечен одговор, порача Весели.
Харадинај, пак, на комеморацијата по повод 575 години од смртта на Скендербег повтори дека владината мерка кон Србија и БиХ нема да биде укината, додавајќи дека таа не се однесува против САД, туку против Србија и Русија.