Американскиот државен секретар Мајк Помпео објави денеска дека САД од утре ќе ја прекинат примената на Договорот за нуклеарни сили со среден дострел (ИНФ).

Шефот на Стејт департментот, исто така, порача дека Вашингтон за шест месеци целосно ќе се повлече од тој историски договор постигнат во 1987 година, доколку Русија не прекине со кршењето на пактот за контрола на вооружувањето.

Москва демантира дека го прекршила договорот, со кој на двете страни им се забранува поставување ракети со краток и среден дострел во Европа, кои се истрелуваат од копно.

Во меѓувреме, германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека доколку САД објават дека се повлекуваат од Договорот со Русија, тогаш Германија ќе го искористи шестмесечниот период за формално повлекување со цел да се даде шанса за натамошни преговори.

– Ако денеска дојде до прекин на договорот, ние ќе направиме се што е во наша моќ да го искористиме шестмесечниот период за натамошни преговори. Јасно е дека Русија го прекрши договорот… Најважно е дијалогот да остане отворен, истакна Меркел.

Официјалниот процес за излез од договорот ИНФ трае шест месеци по објавата за прекин на соработката.