Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, денеска изјави дека е „тешко да се биде оптимист“ во врска со завршувањето на војната во Украина, повикувајќи на итен и безусловен прекин на огнот.

Говорејќи по средбата со лидерите на Асоцијацијата на нации од Југоисточна Азија (ASEAN) во Манила, Гутереш го истакна страдањето предизвикано од конфликтите ширум светот.

– Низ целиот свет гледаме конфликти што нанесуваат толку многу човечко страдање, од Газа, Јемен и пошироката криза на Блискиот Исток, до Украина, Судан и пошироко – рече тој.

Во врска со изгледите за завршување на војната во Украина, Гутереш изјави: „Да бидам искрен, тешко е да се биде оптимист кога се соочувате со ситуација што трае веќе речиси пет години, и мислам дека е исто така важно да се каже оти нашата цел е итен и безусловен прекин на огнот“.

Тој нагласи дека прекинот на огнот мора да доведе до мировен процес кој „гарантира почитување на меѓународното право … а следствено и почитување на територијалниот интегритет на Украина“.

– Тоа е видот на праведен мир за кој се бориме – нагласи Гутереш.

Руски и украински претставници минатата недела во Абу Даби ги одржаа првите мировни преговори по осум месеци, со посредство на САД, но не беа објавени поголеми придвижувања.