Драгана Бојковска, пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет на која се дискутираше Предлог Буџетот за 2027 година, истакна дека вистинската вредност на буџетот се согледува во исходот од потрошените средства односно дека истиот е, како што вели таа, „економската, развојната и политичката порака за тоа каква Македонија сакаме да изградиме“.
„Се предвидува реален раст на БДП од 3,8% во 2027 година и просечна инфлација од 3,2%. Во првата половина од 2026 имаме економски раст од 3,7%, а во вториот квартал раст од 4,3%. Тоа е основа за оптимизам, дури и во услови на геополитички предизвици“, рече Бојковска и додаде:
„За потсетување, во октомври 2026 година годишната инфлација во Македонија изнесува 3,3%, наспроти 4% во еврозоната, и тоа во услови на сериозни геополитички и енергетски предизвици. Да се потсетиме на октомври 2022 година, во периодот на владата предводена од СДС, кога инфлацијата во Македонија достигна 19,8%, речиси двојно повеќе од тогашниот просек во еврозоната од 10,6%. Тоа е разликата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДС. Одговорност пред граѓаните и помал притисок врз нивниот семеен буџет наспроти економија во слободен пад со СДС“.

Бојковска потсети дека нема силна економија без образование и кажа дека со Предлог Буџетот за 2027 година, за Министерството за образование и наука се планирани 46,6 милијарди денари, при што е предвидена изградба и реконструкција на вкупно 60 современи училишни спортски сали, како и тоа дека ќе се продолжи со реконструкција на седум студентски домови во Скопје, Битола, Прилеп, Штип и Охрид, како и реконструкција на шест ученички домови.
„За Министерството за образование и наука се планирани 46,6 милијарди денари. За училишни спортски сали се планирани 255 милиони денари, или 11,7% повеќе. Ќе се градат 30 целосно нови училишни спортски сали, а обезбедени се средства и за реконструкција на 30 постојни спортски сали, 60 современи спортски сали за нашите ученици ширум државата. За енергетска рехабилитација на студентските домови — 431,5 милиони денари, односно 12% повеќе“, кажа Бојковска и додаде:
„Продолжуваме со темелната реконструкција на државните студентски домови. По „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски – Питу“ во Скопје, програмата опфаќа уште седум студентски домови во Скопје, Битола, Прилеп, Штип и Охрид. Со поддршка од Европската Унија и Германската развојна банка. За реконструкција на ученички домови — 2 милиони денари обезбедени од Буџетот на МОН, а со поддршка на Германската развојна банка и грантови на ЕУ ќе реконструираме шест ученички домови“.
Пратеничката Бојковска кажа дека за студентски стандард се предвидени 1,9 милијарди денари, со што се обезбедуваат повеќе средства за повеќе стипендии за студентите и повеќе пари за субвенционираниот студентски оброк.
„За студентски стандард предвидуваме 1,9 милијарди денари, односно 7,2% повеќе. Со новиот модел на студентско стипендирање предвидени се 3.000 студентски стипендии, од кои 1.050 стратешки стипендии во износ од 18.000 денари месечно. Дополнително, предвидени се 1.200 стипендии за социјална поддршка, меѓу кои за првпат посебни квоти за студенти со попреченост и ретки болести, како и 750 стипендии за висок академски успех. За ученички стандард предвидени се 696 милиони денари, раст од 12,3%“, истакна Бојковска.




