Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш ги повика земјите да преговараат за обврзувачки правила за автономно оружје, но Русија го одложи почетокот на толку сериозни разговори во Женева со поднесување процедурални забелешки.
„Преземете мерки за да спречите употреба и ширење на ова сурово оружје“, рече Гутереш во видео-порака отворајќи го состанокот на 128-те држави-членки на Конвенцијата на ОН за одредено конвенционално оружје (CCW).
„Ве повикувам да се движите кон преговори за правно обврзувачки инструмент за регулирање на автономните системи за оружје – вклучувајќи јасни забрани и ограничувања“, рече тој.
Руската делегација го блокираше усвојувањето на дневниот ред барајќи на набљудувачите да им биде дозволено да зборуваат само на крајот од конференцијата, а не за поединечни точки на дневниот ред, спротивно на утврдените процедурални правила.
На претходните состаноци, рускиот претставник ја обвини Европската Унија, која има статус на набљудувач, дека дава „политички мотивирани изјави“ и дека лаже.
Ниту една друга делегација не го поддржа предлогот, но претседателот на конференцијата ја одложи сесијата.
Целосно автономното смртоносно оружје, честопати наречено „роботи убијци“, може да идентификува и следи цели и да започне смртоносни напади без човечка интервенција.
Експертите велат дека досега нема докази дека такво оружје веќе се користи во конфликти.
Претставниците на државите оваа недела дебатираат дали да одобрат преговори за ограничувања и евентуална забрана за такви системи. Одлуката би можела да се донесе до петок.
Многу земји го поддржуваат правно обврзувачкиот протокол, но земјите со големи одбранбени индустрии, вклучувајќи ги САД, Израел и Русија, имаат резерви, јави ДПА.
МИА




