Трет американски носач на авиони распореден на Блискиот Исток пристигна во регионот, јавија вчера некои американски медиуми.

„УСС Теодор Рузвелт“ (USS Theodore Roosevelt) им се приклучи на „УСС Џорџ Х. В. Буш“ (USS George HW Bush) и „УСС Џорџ Вашингтон“ (USS George Washington) во регионот, јави новинарот на Аксиос, Барак Равид, на X, повикувајќи се на неименуван американски функционер. Телевизијата Ал Џезира, исто така повикувајќи се на американски функционер, извести дека бродот пристигнал во регионот.

Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ), која е надлежна за Блискиот Исток, не ги коментираше овие извештаи.

Не е јасно дали „Рузвелт“ ќе замени еден од носачите што веќе се наоѓаат на Блискиот Исток или претставува дополнително распоредување. Доколку останат сите три носачи, тоа би го подигнало американското присуство на Блискиот Исток на највисоко ниво од април.

Израел и САД почнаа војна против Иран кон крајот на февруари.

Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека не сака да се врати на големи борбени операции. Сепак, конфликтот останува нерешен, а преговорите се во ќорсокак со месеци.

Претходно вчера, иранскиот Корпус на исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) соопшти дека повторно нападнал американска воена база во заливската држава Бахреин.

Од ИРГЦ наведоа дека радарскиот систем во хеликоптерската база Ал-Рифа, јужно од главниот град Манама, бил погоден со шест дронови. Министерството за одбрана на Бахреин, сепак, соопшти дека успешно одбило ирански напад со дронови.

Тврдењата на ниту една од страните засега не можат да бидат независно потврдени, нагласува ДПА.