По повод Меѓународниот ден на студентите, претседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Тодор Конески, упати честитка до студентите, нагласувајќи дека студентските години се еден од најзначајните периоди во животот, кога покрај знаењето се создаваат ставовите, амбициите и идеите за иднината.
Конески истакнува дека студентите денес имаат потреба од квалитетно образование, современа технологија, можности за истражување, но и пристојни услови за живот и поддршка што ќе го препознае нивниот труд и потенцијал.
Во своето обраќање тој ги посочува поддршката за електронски уреди, субвенционираниот студентски оброк, стипендиите, инвестициите во студентските домови, бесплатниот превоз и пристапот до меѓународни научни бази како мерки насочени кон подобрување на студентскиот стандард.
Посебно се осврнува и на предлогот за зголемување на месечната поддршка за студентски оброк на 4.500 денари, со воведување дигитален модел преку кој средствата би се користеле за храна, како и дополнителни попусти во вклучените маркети и угостителски објекти.
Конески нагласува дека улогата на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ е да биде партнер на студентите, да ги слуша нивните потреби и предлози и да помогне добрите идеи да прераснат во конкретни иницијативи.
„Младите не треба да бидат само корисници на политиките што се носат за нив, туку активни учесници во нивното создавање“, порачува Конески.
Тој додава дека младите не се само иднината за која се зборува, туку генерација која веќе денес учи, истражува, создава и презема одговорност.
На крајот, Конески им го честита Меѓународниот ден на студентите, посакувајќи им да ја задржат љубопитноста, храброста да поставуваат прашања и слободата да создаваат сопствени одговори.




