Морам да констатирам дека во овој момент СДСМ се претвора во инструмент, во политичка партија која шири деструкција, а до нив и нивниот традиционален коалициски партнер ДУИ, кој се претвора во фактор на дезинтеграција, оцени во „Колегиум“ Весна Бендевска, потпретседателка на македонското Собрание.

Хушкањето и манипулациите се резултат на политичка безидејност, посочи Бендевска, која очекува одгворност од јавното обвинителство за грешката со првичното пуштање од притвор на 31-годишникот од Охрид.

-Јас сум згрозена од начинот на кој одреден дел од личности се обидуваат да профитираат од нечија болка, од нечија сериозна емоционална состојба. Тие се во моментот пазачи на ситуацијата. Секаде каде што се појавува каков било конфликт во општеството, тие се нели најзагрижените и желно очекуваат со вперен прст, без притоа да ги знаат фактите, вели потпретседателката на Собранието.

Наместо да хушкаме, и наместо да мислиме дека ќе покажеме дека навистина сочувствуваме протестирајќи пред СВР Охрид, вели таа.

– Извините, но јас очекував дека ако требаше некаде тоа е пред Основното јавно обвинителство во Охрид, а богами, очекувам и претставка до Советот на јавни обвинители, кои патем речено, имаат право да се произнесат и по допрен глас – како се случило прво да биде пуштен дома, па потоа веројатно под притисок на јавноста да биде преиначено делото и три дела да се стават на терет и повторно да оди во притвор, изјави таа во дебатата на ТВ Алфа.

-Манипулација со емоциите со цел создавање паника и незадоволство и претпоставувам, очекување дека тоа ќе предизвика домино – ефект на случувањата во нашето опкружување, на оние насилни протести што ги гледавме, сите со сопствена прикаска, во Албанија протестите, во Србија она што се случуваше и буквално, една политичка безидејност, затоа што знаете, самиот статус на опозиција можете да го користите како креативна алатка или како деструктивна алатка. За жал, морам да констатирам дека во овој момент СДСМ се претвора во инструмент, во политичка партија која шири деструкција и до нив е и нивниот традиционален коалициски партнер ДУИ кој се претвора во фактор на дезинтеграција, не е веќе Демократска партија за интеграција. Деструкција и дезинтеграција, рече Бендевска.

Натаму додава:

– Затоа заради безидејноста, заради неможноста да прикажат ккава било конструктивност, тие соочени со резултатите кои ги доживуваат, стануваат фактор на деструкција и дезинтеграција на штета на целото македонско општество. Еден апел да дадам, насилниците немаат партиски книшки, односно воопшто не е битно дали имаат ваква или таква партиска книшка, тие се насилници и треба да бидат осудени како насилници. Се’ друго, покажувањето на нивна или партиска припадност на родители е само одвлекување на вниманието од вистинскиот проблем. А знаете, ако не го увидите проблемот, ако не ја дијагностицирате болеста, тогаш не можете да најдете ни соодветен одговор, потенцира Бендевска.