Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан упати сочувство до бугарскиот патријарх Даниил по повод тешката сообраќајна несреќи што се случи на 10 ноември на автопатот „Тракија“ во Бугарија, во кои загинаа 12 лица, а десетици беа повредени.
Во писмото до патријархот Даниил, архиепископот Стефан, во свое име, во име на Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, клирот, монаштвото и православниот македонски народ, изразува искрено сочувство до семејствата на загинатите и сите ужалени.
– Споделувајќи ја тагата на сестринската Бугарска црква и на бугарскиот братски народ, се молиме за настраданите, та Милостивиот Бог нивните души да ги насели во места светли, места цветни, лишени од секаква тага, болка и воздишка упокојувајќи ги во лоното Аврамово – наведува архиепископот Стефан во писмото.
Тој упатува молитви и за повредените посакувајќи им брзо и целосно закрепнување, а на нивните најблиски утеха и духовна сила.
– На повредените, пак, Утешителот Благ нека им подари брзо и целосно исцеление, а на нивните најблиски благодатна утеха и духовна сила одозгора зацврстувајќи ги во верата и надежта во воскресението – се наведува во сочувството од поглаварот на МПЦ – ОА.




