Братислав ДИМИТРОВ

Славниот германски филозоф и математичар Лајбниц не бил женет. Помислил на тоа кога имал педесет години, но жената со која сакал да се ожени побарала време за да размисли. Тоа на Лајбниц му овозможило и тој да размисли и така никогаш не се оженил. И додека тој се обидувал да ги помири материјализмот и спиритуализмот, тие што се ожениле никако да се помират со една работа. Колку повеќе ги запознаваат жените, сè помалку знаат за нив. Така настанала машката поговорка: Ерген е човек што успеал да не се ожени, а стара мома не успеала да се омажи.

Бидејќи од мојата сопруга имам дозвола да бидам антифеминист, јас сум главниот. Мене дома никој не смее да ми каже како да ги мијам садовите! Но, од друга страна, не ги поддржувам оние што (наместо да си легнат со женичката под јорганче) по цели ноќи смислуваат афоризми со шовинистичка содржина: „Жената е како леб, што повеќе ја месиш – подобра е. Жените од ништо може да направат три работи: салата, шапка и кавга. Има жени што само уште неверството ги врзува за своите мажи“. Можеме вака да редиме примери до сабајле, но залудно. Животот секогаш е попаметен од нас и нашите измислици.

Иако во денешното „модерно време“ има безброј можности некому да му го загорчите животот, сепак неверството (иако старомодно) е најефикасен начин секому да му го уништите срцето. Научно кажано, ќе го растурите како леблебија. Ќе му остане срце само колку да чкртне некој стих во хаику-поезија. И толку. Неверства има безброј, но предавството е врвот и тука никој не се пожалил дека се штедело на имагинација и фантазија. Сигурно се прашувате за што, всушност, се работи овде? И јас се прашувам. Случајно ја најдов оваа моја приказна, а сега намерно ја објавувам.

Црна е ноќта. Црна ко камен. Сите спијат. Во кујната силно чука едно срце. Сопственикот на тоа срце ја гасне цигарата во преполниот пепелник, а потоа долго, навистина долго, отпива од шишето со ракија. Ракијата е комова. Греењето е исклучено. И коментарите се исклучени. Сè е исклучено. Тука е. Сам. На прозорецот безброј ситни снегулки бегаат од прогонот на споулавениот и пискав ветер. Во собата штама. Тишината како туткал се лепи на неговото оросено чело. Ова се ретки мигови на искреност кога човек се осмелува да остане сам со себе. Тоа е тој ментален луксуз кога не може да се сети на настаните од своето детство. Кога не е таму, а тука го нема.

Одеднаш некое чувство на вина како крлеж почнува да ги нагризува последните резерви на самопочит, самодоверба и нешто што заличува на патриотизам. Седи така човекот и гледа немо како покрај него минува животот како улична џукела покрај празен контејнер. Кога реши рано сабајле по ладот да си купи некој калибар и барем за миг да биде Ернест Хемингвеј, нова надеж широко му ги развлече модрите усни и човекот реши да му даде уште една шанса на животот. И таман кога од неговите кревки ливчиња на новата надеж почна да израснува висок столетен даб со широки и густи гранки што го параат небото, вратата на кујната немилосрдно се отвори.

„Зошто не си легнеш?“ Се слушна гласот на сопругата. Човекот се штрекнува како дете што краде слатко, како слеп патник на прекуокеански брод, како… Никој не знае како, кога и зошто. Животот е најголемото чудо и мистерија. Во младоста беше романтичен, а сега е ревматичен. Пополека ја свртува главата кон изговорената реченица. Таму забележува едно лице што со напор ги задржува разните витлери на едно место, а тоа место е главата на неговата сопруга. Златното синџирче околу вратот е во длабока илегала поради обемниот подбрадок. Пополека го спушта погледот удолу. На фустанот едно копче недостасува, а следното се разликува од сите други. Дезенот е збогатен со неколку дамки од јогурт, мармалад и ајвар.

Има уште. Фустанот завршува со две дебели нозе облечени во машки чорапи. Машките чорапи едвај се сместиле во чевли со расцветани потпетици. Човекот воопшто не ги следи модните трендови, но во едно беше сосема сигурен, ова не е жената со која се оженил! Оваа реченица како порцеланска вазна тресна на студените плочки во кујната. Човекот срипа од сонот избезумен и жива вода. Сопругата до него крчеше со широко отворена уста. Во тие мигови човекот беше само нем сведок на најголемото неверство во својот живот.

Повторно дојде ноќ. Жената погледна во правец на кујната. Тој сè уште седи над пепелникот и ракијата. Тогаш ја направи најубавата фризура и го стави најдобриот парфем. Го облече најшокантниот корсет и влезе во кујната. Седна на столицата похрабро од Шерон Стоун во филмот „Основен инстинкт“. Мажот не одлепи ниту еден поглед од говорот што го пишуваше на својот партиски шеф, за претстојните „фер и демократски избори“.

На излегување од кујната таа му дофрли: „Дојди во спалната“. Не доби никаков одговор. Кога подобро го загледа, виде неизбричен испотен човек, заоблен од сите страни од кого испарува алкохол, никотин и фанатична заинтересираност за сите настани на овој проклет свет, освен за тие во спалната соба. Која, патем, сè уште не ја исплатиле, во секој поглед. „Кој е овој човек?“, ѝ беше првата тешка мисла на жената. Втората беше очигледна. Фризурата, парфемот и корсетот се пропадната инвестиција.

Од „оаза на мирот“, преку години на секакви предавства, логично стигнавме во оаза на неверства.

П.С.

Во цивилизираните општества е друго. Влегол кралот во својата спална соба и кога видел како дворскиот шут му ја „онадува“ жената, гласно извикал: „Е многу смешно!“