Британската нуклеарна подморница „ХМС Венџенс“ (HMS Vengeance) се врати во Шкотска по рекордна мисија од 217 дена, во текот на која нејзиниот екипаж речиси седум месеци бил речиси целосно изолиран од надворешниот свет. Овој подвиг, сепак, не се толкува како демонстрација на воена моќ, туку како показател за сериозните проблеми во британската подморничка флота, пишува „Еуроњуз“.
Експертот за нуклеарни подморници, Дејвид Кален, на 15 ноември за британскиот весник „Гардијан“ изјави дека подморниците од класата „Вангард“ првично биле проектирани за мисии во траење од околу три месеци. Тој додаде дека и тоа се сметало за премногу долг период, за престој во метална кутија под вода, без контакт со надворешниот свет.
Подморниците од оваа класа кои во април го поставија претходниот рекорд со 205 дена поминати под вода, имаат екипаж од околу 140 членови. Првично, нивните мисии траеле од три до четири месеци, а патролите од сто и повеќе дена биле реткост. Денес некои мисии траат и двојно подолго.
Британската влада признава дека продолжените мисии се поврзани со буџетските кратења, кои ги забавиле работите на одржување на подморниците.
Рекордната мисија на „ХМС Венџенс“ дополнително ја зголеми загриженоста за иднината на целата британска подморничка флота. Подморниците од класата „Вангард“, првично проектирани за работен век од 25 години, поради доцнењето на новата генерација ќе мора да останат во служба околу 40 години.
Се очекува првата подморница од новата класа, „ХМС Дредноут“ (HMS Dreadnought), да заплови дури околу 2032 година.




