Војната во Украина може да заврши единствено со дипломатско решение, во чие постигнување треба да учествуваат и европските земји, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц по синоќешната средба во Берлин на претставниците на Коалицијата на подготвените.

„Знаеме дека оваа војна ќе заврши само доколку се постигне дипломатско решение. Но, војната мора да заврши со Украина која ќе го зачува својот територијален интегритет, ќе располага со силни безбедносни гаранции и, пред сè, ќе биде интегрирана во европскиот безбедносен систем“, изјави Мерц по синоќешната средба во германската престолнина.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој исто така присуствуваше на средбата, повика на забрзување на вклучувањето на Европа во преговорите со Русија, со посредство на САД.

„Украина, Европа, САД и Русија. Многу сметаме на тоа“, изјави Зеленски по средбата во Берлин.

Тој рече дека со американските посредници Стив Виткоф и Џаред Кушнер се водат одделни разговори за датумот и дневниот ред на следната средба. „Тоа мора да биде четиристран состанок“, нагласи Зеленски.

Украинскиот претседател објасни дека целта е да не се губи време пред почетокот на зимата и дека Русија мора да биде принудена конкретно да се ангажира за постигнување мировен договор.

„Мора да има притисок“, изјави Зеленски, додавајќи дека Европа е подготвена да помогне со нови санкции и дополнителни мерки за поддршка на Украина и украинскиот народ.

Зеленски рече дека очекува и САД да го искористат своето влијание врз Русија.

Мерц изјави дека сојузниците, секако, се подготвени да разговараат со рускиот претседател Владимир Путин за овие прашања. Според него, таква средба би можела да се одржи, на пример, во Обединетите Арапски Емирати.