Грција бележи значителен напредок во дигиталната трансформација, при што 89,5 отсто од домаќинствата имаат пристап до интернет од својот дом; 75,4 проценти користи електронските јавни услуги, а шест од десет лица веќе користат алатки за вештачка интелигенција, покажуваат податоците на Грчката служба за статистика (ЕЛСТАТ), јави дописничката на МИА од Атина.

Истражувањето се однесува на употребата на информатичките и комуникациските технологии кај домаќинствата и населението на возраст од 16 до 74 години во 2026 година, при што резултатите покажуваат дека во изминатите десет години, односно од 2016 до 2026 година, за 20,4 проценти се зголемил бројот на домаќинства што имаат интернет во нивниот дом, а речиси исто толку се зголемила и употребата на интернет од населението.

Во однос на вештачката интелигенција, резултатите покажуваат дека 60,2 отсто од лицата на возраст од 16 до 74 години користеле некоја од алатките за вештачка интелигенција „за создавање различни видови содржини, како текстови, слики, програмски код или видео“.

Од оние кои користеле некоја од алатките за вештачка интелигенција, 96,9 проценти тоа го сториле од приватни причини, додека 38,1 отсто ги користеле за професионални цели.

Од друга страна, останатите четворица од десет анкетирани (39,8 проценти), кои не користеле ниту една алатка за вештачка интелигенција, најголем дел, односно 58,4 отсто одговориле дека немале потреба од користење на ваква технологија, 25,2 проценти изјавиле дека не знаат како да ги користат, а само 8,5 отсто не знаеле дека воопшто постојат.

Во истражувањето за употребата на информатичките и комуникациските технологии спроведено од ЕЛСТАТ биле опфатени 4.323 домаќинства и исто толку нивни членови, на територијата на цела Грција, а услов за учество било секое домаќинство да има најмалку еден член на возраст од 16 до 74 години.