Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по еден месец „тресење“ на Алта банка денеска се фати за вториот пензионерски столб, му изгледал „расклатен“ и ептен е засекиран за пензионерите, но и за цената на струјата, за поскапувањата итн.

Филипче додека се возеше со мотори и квадрцикли, пред да премине на јахттата, како министер во владите на Зоран Заев, немаше никакви маки, а сега одеднаш се засекира за пензионерите кои во неговото време на власт простетираа, се засекира за цените, за повисок стандард итн. Сега како опозиционер откако не му успеа паниката за Алта банка, се фати за пензионерите и пензионерските столбови…

Тој го повика премиерот Христијан Мицкоски да објасни зошто со предлог-законот објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), според него, се брише одредбата за уплата на шест проценти од придонесот за пензиско осигурување во вториот пензиски столб. На прес-конференцијата, Филипче предупреди и дека евентуалното поскапување на струјата по Нова година ќе доведе до раст на цените на производите.

Претседателот на СДСМ посочи дека со бришењето на членот 120 во предлог-законот се отвора прашањето дали вториот пензиски столб воопшто ќе постои, оценувајќи ја состојбата како сериозен скандал.

– Се брише членот 120 и се брише одредбата со која 6 отсто од парите од придонесите, кои сите ние ги плаќаме за пензиско и инвалидско осигурување, 6 отсто кои треба да одат во вториот столб, сега таа одредба се брише. Каде ќе одат парите? Дали тоа значи дека се елиминира вториот пензиски столб? Огромен скандал на повидок. Треба добро да се објасни. Христијан Мицкоски да каже зошто не се уплаќаат парите таму и зошто во новиот предлог-закон, кој е на ЕНЕР, се брише членот 120 за уплата на 6 отсто од вкупниот придонес за пензиско осигурување во вториот столб – истакна Филипче.

Тој укажа на сериозната состојба со пензискиот систем и на ризикот во кој се доведени членовите на вториот пензиски фонд поради неуплатените средства.

– Освен што се пензионерите украдени, дупката во пензискиот фонд е милијарда евра. Изминатите месеци не се уплаќаат парите од пензискиот фонд во фондовите за дополнително пензиско осигурување, таканаречениот втор столб. 50 милиони евра недостасуваат и притоа не ги уплаќаат парите во вториот столб. Се поставува прашањето: доведен ли е во ризик вториот столб на сите нас кои плаќаме таму пари за нашите идни пензии? – рече Филипче.

Предупреди и дека секое доцнење и неуплата повлекува камата, затоа, тој побара да се утврди кој ќе ја преземе одговорноста за тие средства.

Се осврна и на најавите за поскапување на електричната енергија и парното, истакнувајќи дека тоа е потврда за лошите економски политики на Владата и како што рече, за нејзината неспособност да го заштити животниот стандард на граѓаните.

– Иако токму тој во септември ветуваше и укажуваше дека струјата нема да поскапи, претседателот на Регулаторната комисија, член од ВМРО-криминалната група, Ацо Ристов, чија сопруга е член на Судскиот совет, најави зголемување на струјата. Ете толку од добрите економски политики на оваа власт и толку од желбата да се зачува, во најмала рака, а не пак да стане збор како што гледаме, за зголемување на стандардот на граѓаните – нагласи Филипче.

Зголемувањето на цената на струјата, тој оцени дека ќе предизвика дополнително поскапување на производите.

Според него, граѓаните веќе се соочуваат со сè повисоки трошоци за живот, посочувајќи на зголемувањето на синдикалната кошничка, која, како што рече, достигна 71.000 денари.

– Се наоѓаме во катастрофална ситуација со буџетот, која премиерот се обидува да ја замаскира со неговата секојдневна демагогија, која сè полошо ја продаваат неговите пропагандни медиумски канали, затоа што луѓето гледаат сè повеќе колку потешко се живее дополнително, од почетокот на следната година, кога ќе поскапи струјата и понатаму ќе повлече да поскапи и сè друго – порача Филипче.

Фото: СДСМ и Архива