Германските медиуми, повикувајќи се на разузнавачките служби на земји членки на НАТО, објавија дека Русија планира годинава да лансира во орбитата сателит со нуклеарно оружје.
Медиумските куќи НДР (NDR) и ВДР (WDR), како и весникот „Зуддојче цајтунг“ (Süddeutsche Zeitung) објавија дека и германската Федерална разузнавачка служба (БНД) и Бундесверот, размениле информации кои укажуваат на тоа дека сателит со ознака „Спутник-С“ бил изработен пред неколку години и моментално се чува во московскиот регион.
Русија во 2024 година ги отфрли тврдењата на американските претставници дека Москва развива оружје способно да уништува непријателски сателити преку експлозија во вселената.
Американските претставници посочија дека Русија со години развива оружје што има капацитет да уништи цела сателитска мрежа, како што е големиот интернет-систем „Старлинк“ (Starlink), со кој управува компанијата „Спејс-икс“ (SpaceX) и кој го користи украинската војска.




