Имаме добри можности за напредок во пристапниот процес, бидејќи проширувањето повторно е приоритет на целата Европска Унија. Но, јасно е дека само земјите што остваруваат резултати во спроведувањето на реформите можат да одат напред. Кога зборувам за реформите, најважниот дел, се разбира, се однесува на основните прашања, посочи еврокомесарката за соседство и проширување, Марта Кос при пристигнувањето на министерскиот состанок на групата „Пријатели на Западен Балкан“, јави дописничката на МИА од Атина.

Кос додаде дека по 23 година од Солунската агенда почнуваме да ги остварува ветувањата, посочувајќи дека меѓу четирите водечки земји во процесот, две се од Западен Балкан – Црна Гора и Албанија и изрази надеж дека ова ќе ги охрабри и сите останати земји.

– Живееме во предизвикувачки геополитички времиња и секако, важно е и ние, како Европска Унија, да ги исполниме нашите обврски. Токму затоа ја објавивме и Комуникацијата за подготвеноста на Европската Унија за проширување. А одговорот е јасен: да, Европската Унија е подготвена за следните кругови на проширување. Се разбира, предложивме и одредени приспособувања, но се надевам дека со следните проширувања, Европската Унија ќе успее да стане уште посилна, порача еврокомесарката.

Изрази задоволство за состанокот во Атина и надеж дека за време на грчкото претседавање со Советот на Европската Унија во втората половина на следната година, Грција ќе работи навистина неуморно на процесот на проширување.

 

Еврокомесарката за соседство и проширување учествува на министерскиот состанок во Атина на групата „Пријатели на Западен Балкан“, заедно со министрите за надворешни работи на шест земји-членки на Европската Унија и на шесте партнери од Западен Балкан, меѓу кои и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.

Планирано беше на состанокот да биде и потпретседателката на Европската комисија и висока претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност Каја Калас, меѓутоа поради штрајкот во воздушниот сообраќај во Белгија не беше во можност да пристигне во Атина.