Нова рунда трилатерални преговори за ставање крај на конфликтот во Украина ќе се одржи наскоро, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
– Средбата ќе биде наскоро, но засега нема извесност во однос на датумот – рече Песков за Спутник.
Што се однесува до местото каде што евентуално би се одржала средбата, Песков рече дека Москва засега смета на Абу Даби, но оти се можни и други опции.
Претходната рунда консултации меѓу Москва, Вашингтон и Киев се одржа во Абу Даби на 10 и 11 ноември. По преговорите, шефот на руската делегација Владимир Медински изјави дека страните успеале да се приближат кон мирот, но оти сега многу нешта зависат од сите учесници во процесот.
Според него, главна тема била идната архитектура на европската безбедност, по завршувањето на конфликтот во Украина. Страните се договориле и за нова голема размена на заробеници меѓу Русија и Украина, чии конкретни детали ќе бидат објавени наскоро.




