Мексико ќе му суди на осомничениот наркобос Фаусто Исидро Меса, познат во земјата како Ел Чапо Исидро, и покрај барањето на Вашингтон за негова екстрадиција во САД, соопшти синоќа високопоставен мексикански функционер.
За таквата одлука на мексиканските власти светските агенции оценуваат дека може да стане нова точка на несогласување меѓу двете соседни земји, чии односи и онака се затегнати.
Министерот за безбедност на Мексико, Омар Гарсија Харфуч, претходно вчера изјави дека Вашингтон побарал Меса да биде екстрадиран, откако тој беше уапсен во петокот во северната држава Синалоа.
„Ќе му судиме во оваа земја“, изјави главната обвинителка Ернестина Годој, одговарајќи на прашањето дали наркобосот ќе биде екстрадиран во САД.
Меса, кој се наоѓа меѓу десетте најбарани лица на ФБИ, е обвинет од американските власти дека раководи со голема мрежа за шверц на хероин, кокаин, метамфетамин, марихуана и фентанил преку границата.
Американското Министерство за правда соопшти дека против него се поднесени шест обвиненија во САД, меѓу кои за учество во долготрајна криминална активност, нарко-тероризам, заговор за перење пари и кривични дела поврзани со оружје.
Мексиканските обвинители пак соопштија дека во земјата против него се покренати обвиненија за нелегално поседување оружје и поседување метамфетамин со намера за негово дистрибуирање.
Мексиканските безбедносни сили го уапсија Меса во Гуасаве, во државата Синалоа, во операција при која дошло до жестоки судири со вооружени лица кои се обиделе да го ослободат. Министерот за одбрана, Рикардо Тревиља, изјави дека војниците биле нападнати откако го опколиле имотот во кој се криел Меса.
Мексиканските власти соопштија дека во судирите загинале четворица војници и 16 лица за кои се сомнева дека учествувале во нападот. Подоцна, властите ги отстраниле блокадите на патиштата и заплениле возила што ги користеле напаѓачите.
Претседателката на Мексико, Клаудија Шејнбаум, изјави дека американските власти обезбедиле разузнавачка помош, но не учествувале директно во операцијата.
Американски беспилотни летала за надзор имале дозвола да помогнат во следењето на Меса пред операцијата, соопштија властите
Во април годинава двајца агенти на ЦИА загинаа во сообраќајна несреќа во Мексико, каде биле на оперативна задача без одобрение од мексиканските власти.
Американските и мексиканските власти соопштија дека Меса напредувал во хиерархијата на организацијата „Белтран Лејва“, пред да формира сопствена група за шверц на дрога. Според ФБИ, групата со години дејствува во Синалоа и по маршрутите за снабдување на американскиот пазар со наркотици.
Станува збир за последно во низата медиумски забележани операции против наркокартелите во Мексико, меѓу кои и убиството во февруари на Немесио „Ел Менчо“ Осегера, откако американскиот претседател Доналд Трамп изврши притисок врз владата на Шејнбаум да ги засили мерките против организираниот криминал.




