Американскиот министер за одбрана, Пит Хегсет, сè уште не одобрил испорака на околу 60 ракети-пресретнувачи за противвоздушниот систем „Патриот“, за кои Вашингтон веќе се согласи да ѝ ги испорача на Украина, објави денеска „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на извори запознаени со ситуацијата.

Украина во повеќе наврати истакна дека итно ѝ се потребни дополнителни ракети-пресретнувачи за да се одбрани од сè почестите руски напади со ракети и беспилотни летала.

Станува збор за ракети „PAC-3“ и „PAC-2“ од американско производство“, од кои дел се наоѓаат во европските воени резерви, а нивното набавување го финансираат западните сојузници на Киев, наведува весникот.

Според „Фајненшл тајмс“, меѓу испораките за кои сè уште нема одобрение се и ракетите-пресретнувачи „PAC-3“, чија испорака била планирана за периодот од септември до декември. Весникот додава дека досега не е одобрена испораката на ниту една од овие пратки.

На Украина ѝ се наменети и уште дваесетина ракети-пресретнувачи „PAC-2“, постара верзија на ракетите за системот „Патриот“, но и нивната испорака сè уште чека одобрение, наведува весникот.

„Фајненшл тајмс“ наведува и дека во Пентагон дошло до застој во одделна постапка со која се настојувало да се добие американско одобрение Украина самостојно да произведува ракети-пресретнувачи за системот „Патриот“.

Портпарол на Пентагон изјавил за весникот дека нема промена во американската политика за поддршка на Украина, но одбил да даде дополнителни коментари за конкретното вооружување.

„Министерството за одбрана спроведува повеќе паралелни активности за забрзување на трансатлантската индустриска соработка во областа на противвоздушната и противракетната одбрана со системот „Патриот“, во кои се вклучени и европските партнери и Украина, а тие активности продолжуваат и денеска“, изјавил претставник на Пентагон за „Фајненшл тајмс“.

Минатиот месец САД одобрија продажба на 500 ракети „PAC-3“ за системот „Патриот“ на Украина, во вредност од околу 2,1 милијарда долари, иако нивната испорака не се очекува пред почетокот на 2030-тите години.