Унгарија не може да го прифати најновиот нацрт на долгорочниот буџет на Европската Унија – изјави денеска унгарскиот премиер Петер Маѓар, во пресрет на очекуваното финализирање на предлогот во наредните недели.

Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, во саботата претстави нов предлог за компромис, со кој се предвидуваат околу 204 милијарди евра (223,8 милијарди долари) помалку расходи во периодот од 2028 до 2034 година, во споредба со претходниот предлог на Европската комисија.

Предлогот вклучува и дигитален данок, чија цел е да се ограничи директното финансирање од страна на земјите членки. Големите компании би плаќале данок од три отсто на приходите од онлајн рекламирање, платформски услуги и комерцијализација на корисничките податоци.

Данокот би се применувал за компаниите со дигитални приходи во ЕУ, поголеми од 50 милиони евра (54,7 милиони долари) и со годишни глобални приходи над 750 милиони евра (820,5 милиони долари).

Маѓар изјави дека според нацрт-предлогот Унгарија би станала една од земјите со најголеми нето-уплати во буџетот на ЕУ по глава на жител. Тој нагласи дека придонесот на Унгарија треба да биде пропорционален на нејзините финансиски можности.

Унгарија традиционално во голема мера се потпира на регионалните фондови, кои според предлогот на Кошта по првпат би претрпеле значително намалување.

Маѓар исто така го отфрли поврзувањето на преговорите за седумгодишниот буџет со дополнителната финансиска помош за Украина, повикувајќи двете прашања да се разгледуваат одделно.

Предлогот на Кошта предвидува и резерва за Украина во износ до 100 милијарди евра (109,4 милијарди долари) за периодот од 2028 до 2034 година.

МИА