Израелската војска, и покрај официјалното примирје, уби уште четворица Палестинци во Појасот Газа, а седуммина се ранети, соопштија палестинските здравствени власти.

Со тоа бројот на загинати во израелските воени операции за време на војната, која во Појасот Газа започна на 7 октомври 2023 година, се зголеми на 74.746, а бројот на ранети на 176.234.

Голем број жртви и натаму се наоѓаат под урнатините, соопшти палестинската новинска агенција Вафа.

Според договорот за прекин на огнот во Газа, поддржан од САД, кој стапи во сила на 10 октомври 2025 година и е познат како „Сеопфатен план за ставање крај на конфликтот во Газа“, Израелските одбранбени сили (ИДФ) во првата фаза се повлекоа до таканаречената „жолта линија“, со што Израел воспостави контрола врз 53 отсто од територијата на Газа. Понатамошното повлекување беше запрено.

Оттогаш, повлекувањето не е продолжено. Премиерот Бенјамин Нетанјаху останува на ставот дека израелските сили нема да се повлечат од сегашните позиции сè додека Хамас целосно не се разоружа, додека Хамас, од друга страна, го условува своето разоружување со постепено повлекување на Израел. МИА