Не треба да се мешаат билатералните прашања во процесот на пристапување кон Европската Унија, но факт е дека земјите членки понекогаш ги ставаат сопствените интереси на маса и затоа отворените билатерални прашања треба да се решаваат во духот на добрососедските односи, изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос во интервју за МИА во Брисел.
Вели дека ја разбира фрустрацијата на македонските граѓани поради долгото чекање, со оглед на тоа што земјата има кандидатски статус од 2005 година. Но, според неа, поддршката за членство во ЕУ во кое сè уште веруваат две третини од граѓаните ѝ дава легитимитет на Владата да го продолжи европскиот пат и истовремено, како што рече, ја обврзува да ги исполни нивните очекувања.
За натамошен напредок во пристапниот процес, Кос посочи дека земјава треба да продолжи со реформите во владеењето на правото и борбата против корупцијата, како и со спроведувањето на обврските поврзани со функционирањето на демократските институции и реформата на јавната администрација.
Вели исплатата на средствата од Планот за раст, зависи од исполнувањето на обврските, нагласувајќи дека Македонија е меѓу трите најуспешни земји во спроведувањето на реформите предвидени со Планот.
Осврнувајќи се на веродостојноста на процесот на проширување, Кос рече дека во последните години има конкретен напредок, особено, како што истакна, по почетокот на војната во Украина во 2022 година кога проширувањето повторно стана приоритет на ЕУ. Како показател за напредокот ги посочи завршната фаза на преговорите со Црна Гора и бројот на поглавја што ЕУ ги затворила во првите десет месеци годинава, кој, како што рече, е поголем отколку во која било претходна година во последните 25 години.
Одговарајќи на прашањето како ЕУ може да обезбеди напредок врз основа на заслугите на земјите кандидатки, без тој да биде засенет од билатерални спорови, Кос вели „иако билатералните прашања не треба да се мешаат во пристапниот процес, тие понекогаш сепак се на маса и мора да се решаваат во духот на добрососедските односи“
Кос оцени дека напредокот на другите земји од Западен Балкан покажува дека сега е момент и Македонија да направи чекор напред. Ја повика Владата, како што вели, да ја исполни преземената обврска за уставните измени, по што пристапниот процес ќе може да продолжи без дополнителна политичка одлука.
Во завршната порака, Кос го поврза проширувањето со зачувувањето на мирот во Европа и рече дека ЕУ ќе ѝ помогне на земјава во решавањето на прашањата со соседите. Потсети дека Европската Унија е мировен проект и оцени дека зачувувањето на мирот е една од најважните задачи за сите европски земји, посочувајќи ги воените конфликти во поранешна Југославија и актуелната војна во Украина.
По повеќе од две децении на европскиот пат, каква е вашата порака до граѓаните што сè уште го поддржуваат членството во ЕУ, но се фрустрирани поради долгото чекање?
– Можам да ја разберам фрустрацијата, бидејќи имате кандидатски статус од 2005 година, а вашата земја од различни причини не можеше да напредува. Одлично е што две третини од вашите граѓани сè уште веруваат во членството во ЕУ. Тоа е многу важно. Зошто? Прво, ѝ дава легитимитет на вашата влада, која сè уште сака да оди по европскиот пат. Второ, тоа е и еден вид притисок врз Владата и одговорност за неа, бидејќи таа мора да ги исполни очекувањата на граѓаните.
Живееме во историски момент во кој некои други земји од Западен Балкан напредуваат. Се надевам дека многу скоро ќе го потпишеме договорот за пристапување со Црна Гора. И на Албанија ѝ оди многу добро. Ова е вистинскиот момент и Северна Македонија да тргне напред. Од политичарите во Северна Македонија зависи дали тоа ќе се случи. Станува збор за еден чекор, иако е голем. Тоа се уставните измени. Откако ќе се направат уставните измени, ќе можеме да продолжиме без каква било дополнителна политичка одлука. Мојот апел до Владата е да го направи тој чекор и да ја исполни својата обврска. Потоа, сигурна сум дека ќе можеме да продолжиме во најдобар интерес и на вашите граѓани.
Како може ЕУ да ја зајакне довербата во процесот на проширување?
– Мислам дека резултатите зборуваат сами за себе. Како што знаете, претходните состави на Европската комисија, односно ЕУ, не беа наклонети кон проширувањето. Тоа не се однесуваше само на Северна Македонија. Ниту една земја не напредуваше сè до почетокот на војната во Украина. Војната, која започна во 2022 година, му даде нова енергија на процесот. Проширувањето стана приоритет и оттогаш навистина добро напредуваме.
Сега четири земји предничат во процесот, од кои две се од Западен Балкан. Тоа зборува за нашата веродостојност. За десет месеци годинава отворивме и затворивме повеќе поглавја отколку во која било друга година во последните 25 години. Како што реков, преговорите со Црна Гора се во завршна фаза. И тоа зборува за нашата веродостојност. Постигнуваме резултати, но важно е да се каже дека Европската Унија може да постигне резултати само ако и земјата кандидатка го направи својот дел.

Кои се најважните следни чекори што земјата треба да ги преземе за да напредува во пристапниот процес?
– Треба да продолжите со реформите, особено во владеењето на правото и во борбата против корупцијата. Тие се дел од она што го нарекуваме темелни прашања. Тука спаѓаат и патоказите за функционирањето на демократските институции, за реформата на јавната администрација, каде што добро ја завршивте работата, и за владеењето на правото.
Вашата влада многу добро знае што треба да се направи. Сега од вас зависи да продолжите по тој пат и да ги спроведете реформите. Тие се важни за пристапниот процес, а воедно ни овозможуваат да ви ги исплатиме средствата од Планот за раст. Овој финансиски инструмент предвидува исплата само кога ќе ги исполните обврските. Со големо задоволство можам да кажам дека Северна Македонија е меѓу трите најуспешни земји во спроведувањето на реформите од Планот за раст.
Како може ЕУ да обезбеди напредок врз основа на заслугите на земјите кандидатки, без тој да биде засенет од билатерални спорови?
– Штом ќе почнеме да преговараме со една земја, пристапниот процес се одвива на две нивоа. Првото е техничкиот дел, за кој сум одговорна. Отвораме кластери, затвораме поглавја и разгледуваме, закон по закон, што треба да направи вашата земја за да го усогласи своето законодавство со европското.
Вториот, исто така важен дел, е динамиката во земјите членки. Да се вратам на вашето прашање. Не сакаме билатералните прашања да се мешаат во пристапниот процес, но факт е дека во текот на процесот, особено во овој втор дел, земјите членки ги изнесуваат своите интереси.
Тоа не е ново и добро е што е така, бидејќи тогаш разговараме за тоа како земјите членки и земјите кандидатки да се приближат. Понекогаш за тоа е потребно време, како што видовте со прашањето што претходно се појави меѓу унгарската влада и Украина. Иако сметам дека билатералните прашања не треба да се мешаат во пристапниот процес, тие понекогаш сепак се на маса и мора да се решаваат во духот на добрососедските односи.

Кои конкретни придобивки од поблиската интеграција во ЕУ можат да ги почувствуваат нашите граѓани уште пред членството?
– Ова е многу важно прашање. Би можела да зборувам за придобивките откако ќе станете членка, но гледаме дека на земјите им треба повеќе време за некои чекори. Вие, на пример, чекате официјално да ги започнете преговорите, а во меѓувреме веќе си ја вршите работата.
Главната идеја на постепената интеграција е да добиете повеќе од Европа уште пред да станете полноправна членка. Тоа значи дека можете да учествувате во некои политики или да користите одредени поволности. Еден пример е СЕПА. Разговарав со вашиот премиер и тој секогаш објаснува колку е тоа важно за вашите граѓани и бизниси. Имате дијаспора. Многу Македонци живеат во странство и испраќаат пари, а откако сте дел од СЕПА, трошоците за овие трансфери се намалија. За Северна Македонија тоа може да значи придобивка од 60 милиони годишно.
Во моментов преговараме за ромингот и се надевам дека многу скоро ќе ги завршиме преговорите. Тоа би значело дека граѓаните на Северна Македонија повеќе нема да ги плаќаат трошоците за роминг, кои понекогаш се навистина високи. Пред две недели, кога ги претставивме нашите идеи во претпристапниот преглед, одлучивме да ги прошириме можностите за постепена интеграција. Тоа подразбира поголема соработка во енергетиката, во стратешката инфраструктура и во областите во кои Северна Македонија има добри резултати.
Една од областите во кои гледам простор за соработка е безбедноста, бидејќи сте членка на НАТО. Безбедноста има сè поважна улога, а вашето вклучување во таа област уште пред членството е една од задачите на кои ќе работиме во иднина.
Какви можности можат да отворат Планот за раст и постепената интеграција во единствениот пазар за бизнисите и за работниците?
– Делумно одговорив и претходно. Бидејќи преговорите можат да траат долго, сакаме дополнително да ја зајакнеме постепената интеграција. Еден пример е СЕПА, која, како што реков, е дел од единствениот пазар. Следуваат и други можности. Со овој нов пристап ќе одржиме одделни консултации со земјите кандидатки за да утврдиме во кои области можеме да одиме понатаму.
Затоа сè уште не можам да дадам конечен одговор, но се надевам дека дијалогот со вашата влада за Планот за раст ќе отвори можности во многу нови области. На пример, годинава се приклучивте кон програмите на ЕУ „ЕУ за здравје“ (EU for Health) и „Дигитална Европа“ (Digital Europe). Веќе можете да добивате средства за здравството. Можеме да ви обезбедиме средства за подобрување на здравствената заштита и за зајакнување на вашите капацитети во случај на нови вонредни здравствени состојби, како пандемија или епидемија, за да можеме поблиску да соработуваме. Преку „Дигитална Европа“, пак, вашите бизниси веќе можат да аплицираат за финансирање од Брисел.

Кои конкретни придобивки можат да ги очекуваат младите од поблиската интеграција?
– Многу сум среќна што Северна Македонија е придружна членка на „Еразмус плус“. Од 2021 година, ЕУ поддржа околу 40.000 размени во кои учествуваа млади од Северна Македонија во областите на образованието, обуката, младите и спортот. Тоа значи дека вашите млади имаат можност да учествуваат во размени со нивните врсници од Европската Унија, што е многу важно.
Мислам дека ова е еден од примерите каде што придобивките би можеле да бидат уште поголеми. Кога последен пат бев во Скопје, посетив студентски дом реновиран со европски средства и видов во колку добри услови ќе можат да живеат вашите студенти. Има и многу други примери. Ви благодарам за прашањето, бидејќи тоа го покажува токму она за што зборувавме. Со постепена интеграција во овие области можеме да направиме повеќе уште пред да станете членка на ЕУ. Се надевам дека ќе има уште такви можности.
Мислам дека младите треба повеќе да почувствуваат што значи за нив европската перспектива или членството во ЕУ. Би сакала повеќе да работам со нив во овие области. Парите не се сè. Ако можеме да работиме со младите од Северна Македонија и да ги поврземе со младите од Босна и Херцеговина, од регионот и од земјите членки на ЕУ, мислам дека тоа е најдоброто што можеме да го направиме за нив.
Која е вашата завршна порака за граѓаните на земјава што сакаат да видат вистински напредок?
– Ве молам, не престанувајте да верувате дека членството во ЕУ е можно. Можно е и шансата е отворена токму сега. Бидете гласни и ангажирани. Во многу области можете да придонесете за напредок и без да чекате на Владата. Секако, разговарајте и со вашата Влада за да ги преземе потребните чекори и да можеме да продолжиме со пристапниот процес.
Сакам да кажам и зошто проширувањето е толку важно и зошто е важно вашата земја да стане членка на ЕУ. Европската Унија е создадена за во Европа повеќе да нема војна. Како што гледате, потфрливме. Доаѓам од овој дел на Европа. Пораснав во земја што никогаш не била во војна и верувавме дека така и ќе остане. Но, не остана така.
Кога мојата земја, Словенија, се осамостои во 1991 година, уште истата вечер излегоа тенковите на Југословенската армија и почна војната. Не верувавме дека тоа е можно. А да не зборуваме за многу полошите војни што следуваа во Хрватска и во Босна и Херцеговина и за војната што денес се води во Украина. Европската Унија е мировен проект. Мислам дека најдоброто што можеме да го направиме и за младите и за бабите и дедовците во Северна Македонија е да се погрижиме да можеме да живееме во мир.
Знам дека некои луѓе прашуваат што добиваат од тоа што живеат во мир. Мојот одговор е дека добиваат сè. Бев во Словенија за време на војната. Не знаевме колку долго ќе трае, кој ќе загине или дали веќе имало загинати. Сè додека има мир, можеме да се справиме и со најтешките проблеми. Сигурна сум дека ќе можете да ги решите сите прашања со соседните земји и ние ќе ви помогнеме.
Зачувувањето на мирот е една од најважните задачи за сите земји во Европа. Затоа е толку важно да ѝ помагаме на Украина. Да работиме сите заедно. На патот кон ЕУ понекогаш има пречки, но според мене тоа е најдобриот пат. Ви благодарам многу. Ви благодарам и што го правите ова. (МИА)




