Синдикалната кошничка не претставува минимална синдикална кошничка, туку посакувана кошничка, а во просечната потрошувачка кошничка што ја подготвува Министерството за економија и труд не е пресметан трошок за кирија бидејќи над 90 проценти од граѓаните живеат во сопствен дом, изјави денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.

Одговарајќи на прашањето за разликите меѓу потрошувачката кошничка што ја презентира Министерството и синдикалната кошничка, Дурмиши рече дека самите автори на синдикалната кошничка посочиле оти таа не претставува минимална синдикална кошничка, туку посакувана кошничка, која покажува колку би требало да троши едно четиричлено семејство за да ги задоволи своите потреби.

Тој објасни дека Министерството ги користело релевантните податоци од надлежните институции за да состави просечна потрошувачка кошничка, која треба да ги прикаже трошоците на едно четиричлено семејство за просечна потрошувачка.

Како причини за разликите меѓу двете кошнички ги посочи различниот опфат на производи и услуги, нагласувајќи дека во синдикалната кошничка се вклучени тутун, алкохол и прехранбени производи што во одредени периоди не се продаваат и не се консумираат.

-Ние имаме ставено над 100 производи, еве и минатиот месец, нели, нашата се зголемуваше за 900 денари, а нивната за 400 денари поради тоа што ние имаме повеќе производи ставено во нашата потрошувачка кошничка, односно во владината потрошувачка кошничка, која е релевантна и достапна за сите граѓани- изјави министерот.

Тој ја посочи и разликата во пресметката на трошоците за домување, наведувајќи дека според статистичките податоци 90 проценти од граѓаните имаат сопствен дом, додека синдикалната кошничка предвидува и трошок за кирија.

Во врска со најавите за можно поскапување на електричната енергија и влијанието врз сметките на домаќинствата и компаниите, како и врз инфлацијата, Дурмиши рече дека мерките што досега ги донело Министерството сè уште се во сила. Меѓу нив се намалувањето на ДДВ-то за нафтените деривати и намалувањето на акцизата.

Тој посочи дека состојбата се следи, но нагласи дека прашањето за цената на електричната енергија е во надлежност на Министерството за енергетика.

-Доколку во наредниот период има такви поскапувања, во рамките на административните постапки што се во наша надлежност ќе постапиме. Повторно нагласувам дека ова прашање треба да му се упати на Министерството за енергетика, бидејќи евентуалното зголемување на цената на енергијата треба да произлезе од тоа министерство, од каде што треба да биде предложена и соодветна мерка, која потоа ќе се разгледува и ќе помине низ владините процедури – рече Дурмиши.