Кремљ денеска го критикуваше предлогот на Европската Унија за седумгодишниот буџет, обвинувајќи го блокот дека сака да ја продолжи војната во Украина и предупредувајќи дека плановите за трошење може да ги поткопаат мировните преговори.

На денот кога лидерите на ЕУ во Брисел ги почнаа дводневните разговори за буџетот на блокот за периодот 2028–2034 година, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Унијата е подготвена да издвои големи суми за финансирање на војната.

– Ова не се пари за мир – рече тој.

Песков оцени дека Европејците ќе имаат помалку пари во своите џебови и наведе дека трошењето за муниција ќе им остави на владите помалку средства за реновирање училишта и изградба на болници и социјални установи.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц предупреди дека неговата поддршка за буџетот зависи од обезбедувањето долгорочно финансирање за Украина, барање на кое се спротивставуваат неколку земји членки на ЕУ, меѓу кои и Чешка.

Песков, исто така, ја обвини Украина дека се обидува да ја прошири „географијата на војната“, повикувајќи се на нападите врз руски бродови во Средоземното и во Балтичкото Море. Тој ги опиша нападите како „потенцијално многу опасни дејствија на режимот во Киев“, сугерирајќи дека тие би можеле да доведат до проширување на конфликтот.

Москва често ја обвинува ЕУ дека не е посветена на мирот, наведувајќи ги последователните пакети санкции против Русија, како и финансиската и воената поддршка што Унијата ѝ ја дава на Украина. Рускиот претседател Владимир Путин ја почна целосната инвазија врз Украина во февруари 2022 година.

Се очекува Путин опширно да зборува за војната на 10 декември, за време на неговата годишна маратонска прес-конференција и телевизиско обраќање во кое одговара на прашања од јавноста. Песков изјави дека организаторите ќе користат вештачка интелигенција за групирање на прашањата според темите.

фото: архива